Климатски промени: Црвен метео аларм поради високите температури во Британија, пожари низ Европа

Фото: Tomek Baginski on Unsplash

Велика Британија се подготвува за историскиот топлотен бран, а метеоролозите предвидуваат дека температурите денеска и утре ќе надминат 40 целзиусови степени. Црвен метео аларм поради високите температури е прогласен во Велика Британија, при што здравствените власти ги предупредуваат граѓаните дека ваквите температури може да предизвикаат здравствени проблеми или смрт не само кај граѓаните кои се вклучени во категориите под висок ризик, туку и кај здравите лица.

Британската железница ги предупреди граѓаните дека ги следат последиците од екстремно топлото време, кое може да предизвика штети на железничката инфраструктура. Тие ги предупредија граѓаните за доцнење или откажување на патничките возови и упатија апел до нив во текот на денешниот и утрешниот ден да патуваат единствено ако имаат неодложна потреба, пренесува Гардијан.

Властите предупредуваат дека енормно топлото време невообичаено за Велика Британија ќе доведе и до нарушување на услугите во образованието и на други сектори, при што се апелира до вработените овие денови да ги поминат работејќи од дома, а не од канцеларија. Особено предупредување е упатено до постарите лица, поаѓајќи од фактот дека последниот топлотен бран со многу високи температури од 2003 година предизвика смрт на илјадници стари лица низ Велика Британија, пишува Гардијан.

Со енормно топло време е соочена и Франција, каде високите температури веќе предизвикуваат шумски пожари. Властите под највисоко ниво на тревога ставија 15 француски департмани, вклучувајќи го југозападниот дел на Франција каде веќе беснеат пожари, пренесува Гардијан. Температурите се очекува да се искачат над 42 целзиусови степени.

Би-би-си пишува дека над 16.000 лица биле евакуирани во Франција поради шумските пожари. Најлоша е состојбата во департманот Жиронд, каде морало да се евакуираат туристи од нивните кампови.

Состојбата е лоша и во Шпанија, при што во јужниот дел на земјата поради пожарите се евакуирани 3.200 лица. Властите информираат дека енормно високите температури предизвикале смрт на над 1.000 лица во Шпанија и Португалија.

Медиумите јавуваат дека пожари беснеат низ целиот Медитерански регион, вклучувајќи ги и Грција, Турција и Хрватска. Од големи пожари беа зафатени Задар и Шибеник во Хрватска, но и островот Крит во Грција, како и југозападниот дел на Турција.