Климатски промени: Бројот на врнежливи денови намален, количеството на врнежи лани зголемено [инфографик]

Скопје по природната непогода на 30 август 2022 година; Фото: Мета.мк

Долготрајни периоди без врнежи кои доведуваат до сушни периоди, по кои следуваат врнежливи денови со големо количество на воден талог што би можело да предизвика поплави или други штети. Вака накратко и поедноставено би можеле да се објаснат климатските промени во делот на врнежите со коишто се соочила земјава во минатата година.

Најголем дел од Македонија во текот на 2021 година имал натпросечни количества на врнежи од дожд и снег, покажува Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика. Берово бил најврнежлив град, каде лани паднале 849,6 милиметри воден талог. Просекот за овој град за периодот 2016-2020 година бил 638,1 милиметри, што значи дека имало натпросечно врнежи. Наспроти просекот од 631,9 милиметри од претходните пет години, во Битола лани наврнале 690,1 милиметри.

И во Скопје минатата година била натпросечна според количеството на наврнат воден талог, при што се регистрирани врнежи од 563,8 милиметри. Наспроти ова, просекот за периодот 2016-2020 година за главниот град изнесувал 530,6 милиметри. Единствен град каде што имало помало количество на врнежи од просекот лани е Демир Капија, каде што во 2021 година е измерено годишно количество на врнежи од 553,8 милиметри.

Сепак, наспроти зголеменото количество на врнежи на годишно ниво, статистичките податоци покажуваат дека бројот на денови со појава на дожд и снег во 2021 година бил помал од просекот за периодот 2016-2020 година. Ова значи дека зачестеноста на врнежи низ годината била помала, додека интензитетот на врнежите бил поголем во деновите кога ги имало. Ова би било индикатор за појава на сушни периоди низ годината, но и за опасност од поплави, појава на лизгање на земјиште и други негативни последици за време на силни врнежи.

Во Статистичкиот годишник се наведува дека Берово, на пример, имал 91 ден со појава на дожд и 7 дена со појава на снег. Наспроти ова, просек за периодот 2016-2020 година бил 93,4 врнежливи денови со дожд и 18,8 денови со снег. Во Битола лани имало 106 дена со појава на дожд и 3 дена со појава на снег, додека во периодот 2016-2020 година имало 102,8 денови со врнежи од дожд и 15,4 денови со врнежи од снег.

И во Скопје, лани имало 110 денови со врнежи од дожд и 8 денови со врнежи од снег, наспроти просекот од претходните пет години кога имало 115,5 дождливи денови и 10 снежни денови, се наведува во статистичкиот годишник.

Промените во режимот на врнежите е воочен и во Извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија од 2020 година. Според документот, сушните периоди ќе зачестат и ќе станат подолги, а врнежите се пообилни и проследени со бури кои се тешки да се предвидат.

Екологистите предупредуваат дека итно мораме да се приклучиме на светските напори за ублажување на последиците од климатската криза и да ја забрзаме имплементацијата на мерките за ублажување зацртани во Стратегијата за енергетика, Планот за енергија и клима и последната Национална комуникација за клима со UNFCCC.

Според Жарко Конески од „Еко свест“, доцна е за забавување на овој тренд, но она што апсолутно мораме да го направиме е да бидеме подготвени за справување со последиците од климатските промени на централно, и уште поважно, на локално ниво.

„Нѝ недостига Национална стратегија за адаптација која точно ќе ги дефинира улогите на институциите и општините во делот на прилагодување на последиците од климатската криза. Конкретни мерки може да се зголемување на зелена инфраструктура во градовите, заштита на водите и обезбедување вода за пиење и наводнување во услови на екстремни сушни периоди. Многу е потребно и активно вклучување на здравствениот сектор, за да бидеме подготвени за болести предизвикани од овие нови климатски услови“, вели Конески за Мета.мк.

Од „Еко свест“ проценуваат дека во земјава најранливи се секторите води и природа, а во намалувањето на опасностите од сушите и поплавите во иднина и во изработката на ефикасни национални стратегии и планови за адаптација, задолжителна е и честа и навремена комуникација со сите засегнати за сите кои имаат некаква надлежност во оваа област и секако, обезбедувањето финансиски средства за мерките за адаптација што мора да започнат да се спроведуваат.

Инаку, и во Годишниот извештај на Управата за хидрометеоролошки работи за 2021 година (УХМР), изготвен од авторката м-р Александра Стевков од Секторот за метеорологија при УХМР, се наведува дека распределбата на врнежите во 2021 година била неправилна, со нерамномерни просторни и временски обрасци. Најголеми месечни количини на врнежи биле забележани во јануари, а најмали во август.

„Според перцентилниот метод, 2021 година се карактеризира како сува во југоисточниот дел и нормална до екстремно влажна за остатокот од територијата“, се наведува во Годишниот извештај на УХМР. Ланскиот летен режим на врнежи бил класифициран како под нормалата, а јануари 2021 година бил екстремно влажен, со врнежи од снег претежно во планинските предели.

Инаку, Мета.мк веќе пишуваше дека 2021 година имало позитивни отстапувања на просечната температура на воздухот во земјава, кои се движеле од -0,3 до 1,1 Целзиусови степени над референтниот период 1981-2010 година. Поголеми отстапувања се регистрирани кај максималните температури, кои лани биле од 0 до 1,6 степени над просекот за наведениот период. И лани продолжиле да се одразуваат трендовите на глобалното затоплување, а климатолозите тврдат дека токму зголемувањето на просечната температура на воздухот на глобално ниво ја зголемува опасноста од екстремни временски појави, како што е порастот на количеството на врнежи, појавата на подолготрајни суши или поплави.

Глобалното затоплување присутно во земјава, и лани температурите биле над просекот [инфографик]