По повод денот на планетата Земја, од Министерството за животна средина и просторно планирање повикуваат на #КлиматскаАкција. Тие велат дека за нив, уште поголема мотивација е што оваа година се одбележува и 50-годишнината од воспоставувањето на овој ден како меѓународен ден на кој, целата светска јавност ја манифестира подготвеноста да ја заштити планетата.

„Огромните предизвици, но и огромните можности за дејствување во врска со климатските промени го истакнаа ова прашање како најгорливата тема достојна за одбележување на овој јубилеј. На крајот на 2020 година, од народите ќе се очекува да ги зголемат своите национални обврски кон Договорот од Париз за климатските промени од 2015 година, и токму сега е време граѓаните да се повикаат на поголема глобална амбиција за решавање на климатската криза“ – велат од МЖСПП.

Од Министерството посочуваат дека Денот на планетата Земја е многу повеќе од еден ден, а нивна цел е #КлиматскаАкција да стане практикувано секојдневно однесување.

„Во специфични услови на пандамија, ограничени можности за движење и дигитализација на сите наши активности, ја упатувме јавноста да ја посети националната комуникациска платформа која е изработена во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), (проекти поврзани со климатски промени) за да се информира за бројните климатски акции што ги преземаат поединци, домаќинства, бизнис заедницата, граѓанските здруженија, младите, но во исто време и да ги внесе сопствените климатски акции“ – додаваат.

Оттаму велат дека на овој начин ќе може да се добие поширока слика за националната амбициозност за надминување на климатската криза, а воедно преку конкретни примери ќе упатат повик за креативност, иновации, амбиција и охрабрување за искористување на огромните можности за движење кон и создавање на иднина со нула јаглероден отпечаток.

„Можеби оваа година со седењето дома и рестрикција на човековите активности ќе и го дадеме најголемиот подарок на оваа наша единствена планета Земја“ – заклучуваат од Министерството.