Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

НОВИ НЕОБЈАВЕНИ СНИМКИ: Од пожарот во дискотеката во Кочани – повеќе на линкот во коментар

Во склоп на коментарите, има линк кој наместо до некакви нови необјавени снимки од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, води кон надворешни линкови кои се комплетно неповрзани со настанот. Конкретниот линк, воопшто не води кон медиумска содржина или видеоматеријал, туку води кон страница за онлајн коцкање. Самата фотографија којашто е поставена во склоп на објавата, а чија цел е да го насочи вниманието на корисниците на социјалната мрежа кон кликнување на наводните „необјавени снимки“, потекнува од веќе објавен видеоматеријал снимен со мобилен телефон (март 2025), од моментите внатре во дискотеката при обидите за гаснење на пожарот. Но, нови снимки наспроти наведеното, нема.

Ваквите објави се насловени кликбејт објави. Кликбејт објави, се содржини, најчесто онлајн статии, видеа или наслови, дизајнирани за да привлечат внимание и да ги охрабрат корисниците на социјалните мрежи да кликнат на линк, кој честопати има сензационалистички, невистинити или претерани „ветувања“ или тврдења.

Клучните карактеристики на кликбејт е пренагласениот наслов кој „ветува“ шокантна, емотивна или изненадувачка содржина, како и во конкретниот случај од објавата што ја рецензираме. Друга карактеристика на кликбејт содржините е задршката, односно недостигот на клучни информации, како техника за да се предизвика љубопитство. Уште една карактеристика на ваквите содржини е емоционалниот јазик и стил кој се користи за да се испровоцираат кликови (страв, лутина, изненадување).

Причините поради кои се користат кликбејт насловите се повеќе – да се зголеми сообраќајот на одредена веб-страница и да се генерираат приходи од реклами, да се зголеми сообраќајот на некоја страница преку споделувања, кликови и коментари, а понекогаш да се изманипулира и погрешно да се информираат корисниците на социјалните мрежи.

Кликбејт насловите чесопати ја „жртвуваат“ вистината и квалитетот за сметка на кликовите. Висококвалитетните содржини и креатори, целат да избегнат наведувачки тактики и се одлучуваат за точни и привлечни наслови.

Да се користи кликбејт за да се испровоцираат емоции после трагичен настан е високо неетичка и експлоатативна практика, која ја злоупотребува емотивната тежина на вистинското човечко страдање, после природни катастрофи, пожари, несреќи итн – за да се изманипулираат луѓето да кликнат на сторија, честопати за да се придобие сообраќај на друга страница (како во случајов) или да се предизвика внимание.

Иако кликбејтот може да биде ефикасен на краток рок, долгорочно може да ѝ наштети на репутацијата на одредена страница, да доведе до недоверба од публиката и да ја намали вредноста на содржината.

Поради сите горенаведени факти објавата која ја рецензираме ја оценуваме како невистина.