Извор на фотографија: Влада на РСМ

Последен, барем по редослед, е кластерот со најмалку поглавја – само две:

  • Надворешни односи
  • Заедничка надворешна безбедносна и одбранбена политика

Насловот на Поглавјето 30 е збунувачки, зашто во него не се работи за целината

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

на надворешните односи на државата, туку за трговските односи. Специфично е што трговските односи со трети земји во ЕУ се целосно во надлежност на ЕУ, и тоа – на Европската комисија, која не само што ги води преговорите, туку води сметка и за спроведувањето на трговските договори на Унијата со трети земји.

Така, со пристапувањето престануваат да важат сите трговски договори со трети земји и новата членка ја губи улогата на субјект во надворешно-трговската политика. Покрај тоа, ЕУ има усогласени позиции во мултилатералниoт трговски систем, како што е Светската трговска организација. Од друга страна, пак, членството во СТО е значајно за држава која пристапува во ЕУ, зашто со тоа веќе ги усогласува своите трговски режими со мултилатералниот систем во кој ЕУ игра значајна улога. Интересно е што од регионот Србија и Босна и Херцеговина сѐ уште преговараат за членство во СТО, а Косово нема поднесено апликација.

Инаку, кога ќе се погледне бројот на правни акти на ЕУ во ова поглавје, тој е голем, но не значи обврска за транспонирање, зашто се работи најмногу за бројните договори што ЕУ, односно ЕК ги има склучено со трети земји. Вистинското прилагодување не е правно, туку е приспособување за прифаќање на трговските односи што ЕУ ги има воспоставено, како и улогата што ја има во меѓународниот трговски систем.

Покрај трговските односи, ова поглавје содржи и обврска за усогласување со политиките на хуманитарна и развојна помош – односно како државата пристапничка постепено ќе стане учесник во политиката на давање помош на трети земји.

И додека ЕУ ја оценува Северна Македонија релативно добро во однос на трговските политики, како и во однос на системот на контрола на стоки со двојна употреба, опстојуваат критиките за неизграденост на политиката на хуманитарна и развојна помош. Се чини дека немаме концепт за нејзин развој, а ни за поширокото значење на оваа политика како дел од надворешната политика. Неодамна дури дегутантно делуваше кога наши официјални тела го промовираа огласот (објавен од УНДП) за доделување на развојна помош на Србија за иновативни решенија за решавање на ковид кризата во Македонија и Албанија.

За разлика од порано, во ова поглавје сега многу повеќе внимание се посветува на Заедничката регионална област на Западниот Балкан.

На Поглавјето 31. Заедничка надворешна и безбедносна политика сме посветувале повеќе внимание и досега, пред сѐ од аспект на држава – објект на оваа политика на Унијата. Многу различно од Поглавјето 30, ова е политика која, со мали исклучоци, е предмет на консензус на државите членки и главната улога ја има Советот на ЕУ. За државата која пристапува клучно е постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика за ЕУ, што е обврска и од спогодбите за стабилизација и асоцијација.

Тоа не е мал предизвик во време на криза на проширувањето и неизвесност за членство, а ЕУ сака да го задржи своето геостратешко влијание на Балканот, во услови кога други геостратешки актери се сѐ поактивни во регионот. Сепак, Северна Македонија, и наспроти ваквите предизвици, го подобри своето „досие“ на усогласеност на надворешната политика со ЕУ, па во 2019 година ги усогласила своите ставови со 84 од 91 декларација на Заедничкиот претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ. Посебно „на радарот“ е усогласувањето со позициите и рестриктивните мерки во однос на Русија.

На позитивно конто на Македонија се учеството на државата во меѓународните активности за разоружување, соработката во рамките на меѓународните организации, како и учеството во мисиите на ЕУ во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика.

Со години во извештаите на ЕУ во ова поглавје се повторува истата критика – дека билатералниот договор за имунитет со САД, кој ја исклучува надлежноста на Меѓународниот кривичен суд за граѓани на САД, е спротивен на ставот на ЕУ. Веројатно е дека уште долго ќе се повторува истата реченица. Посебно ја нагласуваме за да истакнеме дека можеби ЕУ и САД се блиски во надворешните политики, а се приближуваат по новата администрација во САД, но далеку се од идентични.