Фото: Арбнора Мемети

Внатрешниот пазар на ЕУ главниот проект и сржта на Европската унија од нејзинотo основање. Првата фаза, чија цел беше „да се отстранат трговските бариери меѓу земјите-членки со цел да се зголеми економскиот просперитет и да се придонесе кон „сè поблиска унија меѓу народите во Европа“, е завршена во 70-те години од минатиот век. Во втората фаза, која започна во 1986 година со Единствениот европски акт, единствениот европски пазар беше дефиниран како „област без внатрешни граници во која се обезбедува слободно движење на стоки, лица, услуги и капитал“. Таа се оствари до 1992 година. Пред десетина години Вториот акт на единствениот пазар ги постави како цели деловната мобилност, дигиталната економија и довербата на потрошувачите. Во услови на пандемија од КОВИД, акцентот во областа на внатрешниот пазар ЕУ е го става на дигиталната економија.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Придобивките од принципите на слободно движење на стоките и услугите на ЕУ се проценуваат на околу 985 милијарди евра годишно.

Да погледнеме сега што значи интеграцијата во областа на внатрешниот пазар за државите што пристапуваат. Во овој кластер се поместени најмногу – дури 9 поглавја. Тука природно припаѓа и поглавјето 5. јавни набавки, кое е извлечено во Кластерот Темели.

Поглавја од кластерот 1: Внатрешен пазар
1. Слободно движење на стоки
2. Слобода на движење за работниците
3. Право на основање и слобода на обезбедување услуги
4. Слободно движење на капиталот
6. Право на трговски друштва
7. Право на интелектуална сопственост
8. Политика на конкуренција
9. Финансиски услуги
28. Заштита на потрошувачите и здравствена заштита

Поглавјата од овој кластер подразбираат преземање на обемно право на Европската унија, основање и јакнење на повеќе институции, спроведување и извршување – ефикасен инспекциски надзор (особено пазарниот инспекторат), итн.

Суштината на овој кластер е да се гарантира еднаков пристап на пазарот, без непотребни бариери – административни и неадминистративни. Тоа важи и во двете насоки – за пристапот на пазарните субјекти на ЕУ на нашиот пазар и обратно.

Во првата фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација приоритет беа основните елементи на внатрешениот пазар: правото на конкуренција, интелектуална сопственост, стандардите и сертификацијата, правото за јавни набавки и правото за заштита на податоците (кое тогаш припаѓаше на оваа област). Во поставените рокови – главно пет години по стапувањето во сила, овие области и беа правно усогласени. Се формираа и нови институции, како што се на пример Комисијата за заштита на конкуренцијата, Бирото за јавни набавки. Институтите за стандардизација и акредитација и Бирото за метрологија беа порано формирани.

Анализата на состојбите во оваа област, за жал, покажува стагнација години со ред. Нивото на усогласеност, според извештаите на Европската комисија, останува исто. Тоа е умерено во повеќето поглавја (што значи оценка 3 од можни 5), освен во поглавјето Трговски друштва кадешто оценката е над просечната – 4, и во поглавјето слободно дивжење на работниците, кадешто оценката е 1. За поглавјето на слободно движење на работниците, вообичаена е пониска фаза на усогласување во оваа фаза на интеграцијата, зашто пристапот до пазарот на труд досега и државите членки го дава подоцна. Споредбено во регионот, главно стоиме на исто ниво како и државите што сега преговараат, предничиме пред другите.

Меѓутоа, клучното прашање е зошто стагнираме. Доколку тоа го правиме како избор, затоа што сме истражиле и оцениле дека во овој момент натамошното усогласување со правото на ЕУ би било штетно за нашата економија – тоа би било оправдано. Меѓутоа, такво истражување и оценка нема.

Нема објаснување, на пример, зошто во областа на признавање на квалификациите (од поглавјето Слободно движење на услугите) не се поместуваме од место, и покрај донесениот рамковен закон. Законот не помага многу, ако како печурки се раѓаат програми за квалификации што стриктно се регулирани во ЕУ, а немаме (доволно) контрола на нивната усогласеност. Па потоа доаѓа идејата за признавање на квалификациите во рамките на регионот. Тоа нема да помогне доколку реперот не се стандардите на ЕУ – напротив.

За жал, кај некои од институциите се забележува не само стагнирање, туку и назадување. На пример, за Комисијата за заштита на конкуренцијата, која беше прва формирана споредено со државите од регионот и служеше за пример, сега се поставува прашањето на независноста и капацитетот.

Затоа, се чини дека е време да се врати вниманието на овој сега занемарен кластер, и тоа имајќи ги предвид, пред сѐ, интересите и потребите на нашата економија.