Фото: Guillaume Périgois on Unsplash

Наместо задлабочување во историјата и националистичка реторика, и Северна Македонија и Бугарија треба да се насочат кон иднината и кон соработка во сегашноста, а историските прашања да се остават на историчарите, за да не градиме уште ѕидови, туку мостови, а билатералните прашања да не стануваат пречка за земјата. Скандалот со фалсификуваните пасоши во Северна Македонија е многу загрижувачки, но се гледа дека се преземаат мерки. Сепак, потребно е непоколебливо да се продолжи со длабоки реформи во земјата.

Ова се главните пораки од европратениците Андреас Шидер, шеф на делегацијата на Европскиот Парламент (ЕП), во Мешовитата парламентарна комисија ЕП – Собрание, како и на Илхан Ќучук, специјален известувач на ЕП за Северна Македонија, кои ги искажаа на денешниот онлајн брифинг со новинарите.

Шидер предложи и ако работата на заедничката историска комисија е во застој, можеби треба да се внесат и уште два-тројца истакнати историчари од ЕУ да помогнат во разрешувањето на прашањата.

Специјалниот известувач Ќучук смета дека политичките партии во Северна Македонија треба да работат во согласност со интересите на земјата и меѓу себе и со нивните колеги од соседните земји, а во решавањето на спорот со Бугарија, треба да се врати меѓусебната доверба и повторно да се седне на маса.

„Треба во кооперативен дух да работиме со земјата за структурните реформи на правосудството, за медиумите но и за борбата против корупцијата. Досега под водство на премиерот Заев е многу постигнато. Потребно ни е согласување на политичките партии. Опозицијата мора да оди кон стратешките цели, и и власта и опозицијата да се насочени кон кон таа агенда“, порача специјалниот известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент.

Во однос на „билатералното прашање“ со Бугарија тој посочи дека е смее да биде пречка во напредокот на земјата.

„Не треба да градиме повеќе ѕидови, треба повеќе мостови, да отвораме повеќе врати и можности. Гледам можности и ги охрабрувам политичарите од целиот спектар од Северна Македонија и од соседните земји да соработуваат“, додаде Ќучук на почетокот на настанот.

Неговиот колега Шидер, пак, упати остри критики кон ЕУ за (не)направеното во однос на помагањето на Западен Балкан и на Северна Македонија во справување со последиците од ковид-кризата и дека со тоа се отвори простор за Србија и Кина.

„Ако ЕУ сака Западен Балкан (ЗБ) да има иднина во ЕУ, требаше да нарачаме вакцини и за ЗБ. Засрамен сум што не го направивме тоа. Србија и Кина сакаат да го пополнат просторот на оваа стратешка грешка – вакцините се и геополитика и ова има и психолошки ефект оти неможноста за патување, тоа што луѓето не може да одат во ЕУ, значи дека Европа се оддалечува. Го кажувам ова многу грубо, грешката е на ЕУ“, порача Шидер.

Со таквиот став не се согласува известувачот Ќучук, кој рече дека ЕУ ја покажала посветеноста кон Западниот Балкан со „мобилизирање“ три милијарди евра и не смее ЕУ да се обвинува за нефункционирањето на механизмот КОВАКС.

Во однос на спорот со Бугарија и недавањето датум за почеток на преговори, Шидер смета дека не требало да се дозволи ветото на Бугарија, но и дека сега по изборите во оваа земја треба да се дискутира за тоа прашање, оти во спротивно ќе се пропушти шансата.

„Кога станува збор за напредокот, кажавме дека земјата напредува и премиерот Заев и владата покажаа конзистентен напредок и постојано усвојување на прописи. Европската Комисија (ЕК), уште не дава зелено светло за почеток на преговорите и за мене тоа е неприфатливо. Не можеме да го прифатиме ветото од Бугарија, но можеби по изборите, Бугарија ќе има желба билатералното прашање да се дискутира, оти во спротивно ќе пропуштиме шанса“, порача шефот на Делегацијата на ЕП.

Тој рече и дека неприфаќањето на амандманот на Извештајот за земјава со критики кон Бугарија што го подготвија тој и уште неколку колеги било донекаде очекувано, но дека целта, меѓу другото, им била и да предизвикаат дискусија за блокадата на земјава.

На прашање дали скандалот со фалсификувани пасоши ќе се одрази на идните извештаи за Северна Македонија, Ќучук рече дека случајот предизвикал загриженост и нагласи дека земјата мора да направи длабоки реформи во судството и напори за зајакнување на владеењето на правото, што е во сржта на вредностите на ЕУ. Тој порача дека ЕУ не е диктатура да казнува. Неговиот колега Шидер со сличен став, дека РСМ има активности против корупцијата и криминалот и оти се гледа дека нешто се прави во поглед на поправање на состојбите.

Ќучук смета дека и Северна Македонија и Бугарија треба се вклучат во билатералниот дијалог со добра волја и дека е добро да се дефинира конкретен Патоказ за подобрување на состојбите.

„Понатамошното одложување ќе ја доведе во прашање кредибилноста на проширувањето. Ние треба да обезбедиме иднина и затоа не ни треба националистичка реторика од двете страни, треба да седнеме и да разговараме за сите прашања“, порача известувачот на ЕП за Северна Македонија.

Шидер се согласи со Ќучук дека понатамошното одложување на евроинтеграциите на СМ е контрапродуктивно и категорично порача дека треба да се води политички процес без „историски седименти“ и дека за него е неразбирливо да има толкаво недоразбирање меѓу две многу блиски земји.

„На Балканот но и секаде во светот па и во ЕУ, политичарите отвораат националистички прашања кога не може да ги решат другите прашања за животот на граѓаните“, порача Шидер.

Тој смета дека на луѓето треба да им се даде подобро образование, инфраструктура, иднина и за тоа треба да се дискутира повеќе отколку за идентитетите.

Шидер посочи дека ЕУ знае за вмешувањето на Кина и Русија во Западен Балкан како стратешки интерес на двете земји да го спречат проширувањето на ЕУ, а во тој контекст, рече тој, е и вмешување на некои унгарски медиуми во изборите во Северна Македонија, што е спротивно на демократијата.