Фото: Влада на РСМ

Комисијата за заразни болести предлага нови мерки за да се спречи ширењето. Се предлага да се забранат семејните собири, прослави и слави и секакви забави во домашни услови. Предложено е во еден стан или куќа да се примат најмногу четворица гости, покрај оние кои се со адреса на живеење во домот. Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција кажа дека анализите покажале оти сериозен процент од заразените лица се токму од ваков тип на настани.

– Исто така се предлага и забрана за групирање по паркови и бензински пумпи. Задолжително ќе биде носењето маски односно марами, шалови секаде при престој на отворено, како и во затворено, односно во јавен и во приватен танспорт. Исклучок се прави при спортување, кога не треба да се носи маска. Во приватно возило, ако сите кои се возат се од едно семејство, тогаш смеат да се без маски. Освен тоа, се планира и воведување други поригорозни мерки, како што е кратење на работното време на угостителски објекти, како и рестрикција во движењето – рече Филипче.

Тој информира дека неделно, во светот се регистрирани по два милиони нови случаи. Зголемен е бројот на нови случаи во сите европски земји. Во црвена зона се Шанија, Белгија, Исланд, Унгарија, Данска. Сите земји членки на ЕУ бележат раст, поради што се воведуваат зајакнати мерки особено во градовите во кои има зголемен број на новозаразени лица.

– Инфективните одделенија низ државата се речиси исполнети, во некои има слободни места. На Клиниката за инфективни болести има 20 слободни места и 72 во модуларната болница. Некаде пациентите се препраќаат во Скопје, или пак, од Прилеп се препраќаат во Битола. Што се однесува до градинките, низок е бројот на заразени деца кои посетуваат градинка, што значи дека протоколите се почитуваат. Ризикот е низок и кај деца од 6 години. Важно е сите кои се во контакт со децата да се штитат и надвор од работните места. За училиштата е многу рано да се коментира, уште не се поминати ниту две недели од почетокот на учебната година, иако Министерството за образование и наука веќе информираше дека 53 ученици и осум наставници се во изолација – кажа министерот.

Тој побара граѓаните да ги почитуваат мерките.

– Ситуацијата е многу сериозна, Европа се затвора со силни рестриктивни мерки. Како ќе се развива ситуацијата и во која насока ќе се движиме зависи од однесувањето на граѓаните и почитувањето на мерките. Системот е подготвен да се бори со вирусот. Имаме кадар и капацитет, но ни треба и поддршка од граѓаните, за да превенираме пренатрупување на болниците – додаде тој.

За тоа кој ќе проверува во домовите на граѓаните дали има повеќе од четири лица гости, тој кажа дека самите граѓани треба да се свесни за ризиците.

– Самите граѓани треба да се свесни зошто ова го препорачуваме. По пријава може да реагира полицијата и инспекторатите, но свеста на граѓаните треба да е висока – додаде министерот.