Меѓународната железничка станица во Скопје ќе се реконструира и ќе добие нов современ изглед, преку заеднички проект на Железници Инфраструктура, Архитектонскиот и Градежниот факултет.
Ќе биде направен основен проект за целосна реконструкција на станицата, со посебен акцент на зачувување на изгледот проектиран од Кензо Танге, но со нови современи и модерни елементи. Станицата ќе се изгради и ќе биде пуштена во употреба заедно со брзата пруга и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.
Според директорот на ЈП Македонски железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, дополнително во соработка со факултетите ќе се работи и на неколку други проекти.
„Ќе се работи на проектирање за санација нa мост на Црна река, кој е во крајна сериознa состојба, еднаш се сруши во 2020 години што значи застој за железничкиот сообраќај. Потоа проект за санација на неколку свлечишта низ државата кои се проблем за железничкиот сообраќај, проектирање за ремонт на пругата Зелениково-Велес за што има огромен број на критики за бавно возење меѓу 10, 20 и 30 км на час и започнување на проектирање за целосна реконструкција на Железничката станица Скопје“, рече Ивановски.
Тој вели дека реконструкцијата ќе треба да обезбеди непречено функционирање во следните децении.
„Целосно реконструирана железничка станица, пругата до аеродромот и во исто време брзата железничка пруга на Коридор 10, е добро да се случат во исто време. Финансирањето може да биде од државниот буџет, од заеми од ЕБРД или ЕИБ, но не е исклучено и стратешко партнерство со Велика Британија”- истакна Ивановски.
Деканите на Архитектонскиот и Градежниот факултет најавија амбицизни архитектонски и градежни решенија за нова современ и модерна станица и железничка линија на коридор 10.
„Транспортниот центар е овој џин кој со години атрофира и станува дисфункционален и не ја исполнува својата задача. Со сите зафати и реконструкции што ќе ги предложиме, а кои ќе се однесуваат на оригиналната состојба на објектот, со сета почит кон големиот проектант Кензо Танге, ќе придонесат за надградба на одредени содржини кои овој објект ќе го направат социјален хаб, ќе преставува додадена вредност за она што претставуваат железничките станици. Тој приклучок со брзата железница е извонредна работа, тоа го очекуваме со години и им го должиме на генерациите после нас“, изјави деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова Поповска.
Според деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски треба да се направи целосна реконструкција и рехабилитација со елементи од железницата каде се јавуваат проблеми, санирaње на мостовските контрукции, на свлечиштата, потпoрните ѕидови итн.
„Со овој проект ќе ги обезбедиме сите услови и стандарди кои важат во западноевропските држави. Учеството на Градежниот факултет е залог и гарант за квалитетот на извршените работи”- истакна Јосифовски.
