Фото: by Martin Adams on Unsplash

Постојната топловодна мрежа во скопските населби Автокоманда, Маџари, Хиподром, Железара и Триангла од подружница на АД ЕСМ – „Енергетика“ ќе се доградува и проширува со што поголем број на домаќинства и на деловни објекти ќе се приклучат на парно греење.

За таа цел АД Електростопанство на Северна Македонија, ЕСМ, на почетокот на јануари годинава распиша оглас за склучување на договор за јавна набавка за проширување на топловодниот систем и изведба на секундарни мрежи со изработка на проекти и ревизија на проектите од подружница „Енергетика“.

Од АД ЕСМ велат дека станува збро за инвестиција вредна околу 600 илјади евра за период од две години, оваа и 2022 година. Според одговорните во „Енергетика“, засега не може прецизно да се каже колкав ќе биде бројот на новите корисници на мрежата, а претпоставка е дека во следните 2 години нивниот број ќе изнесува околу 250.

Понудите за проширување на топловодниот систем, според јавниот оглас, треба да се достават најдоцна до 16 февруари годинава, а избраниот изведувач за градежни работи за изградба на мрежа за греење треба да го реализира зафатот во период од 36 месеци. Според условите на повикот, предност ќе имаат понудите со најниска цена, а максималниот број на пријавените кандидати треба да биде минимум 5, а максимум 6. Изборот ќе се реализира по пат на елекронска аукција.

Економскиот оператор треба да исполнува повеќе критериуми, меѓу другото, потврда дека не е отворена постапка за стечај или за ликвидација од надлежен орган, потврда за платени даноци, придонеси и други јавни давачки, дека нема изречена казна забрана за учество во постапки за јавен повик и друго.

За потврда на способноста за вршење професионална дејност операторот треба да достави лиценци за проектирање на градби од прва категорија и за ревизија на проектна документација на градби од прва категорија, издадени од одговорни институции. Исто така, треба да има најмалку три извршени услуги од ист или сличен вид со предметната набавка во последните 5 години, со вкупна вредност поголема од 10 милиони денари, како и докази за извршените услуги, а мора да поседува и соодветна кадровска и техничка екипираност.

Инаку, на почетокот на последната грејна сезона, 15 октомври 2020, АД ЕСМ, подружница „Енергетика“ започна со испорака на топлинска енергија за корисниците од скопските населби Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром. Од ЕСМ тогаш соопштија дека парно греење добија 3.700 домаќинства, детски градинки, основни и средни училишта и деловни субјекти.