Започнува да се реализира меѓународниот проект, насловен како „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“, чиј кординатор е професорката Александра Лозаноска од Економскиот институт. Како што таа информира, проектот се спроведува во рамки на програмата „Visegrad+Grants (2xV4 + 2xWB6/EaP)“, како дел од повикот за акциски грантови за 2024 година, во областа на Јавна политика и институционални партнерства.
Презентацијата на која ќе бидат споделени целите и планираните активности во проектот ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 10 часот, во просториите на Економски институт.
Очекувањата се дека една од причините за невработеност на жените на возраст над 50 години, е тоа што се чувствуваат возрасни и затоа помалку се активираат во потрагата по работа.
„А пазарот се менува, овие жени некако со самата возраст ако не се во фаза на учење, ако не се надградуваат за да бидат поконкурентни, потешко можат да дојдат до вработување. Ако ги немаат дигиталните вешини, оние кои денеска се бараат, веќе се соочуваат со пречка. Сакаме со нив да поразговараме, да видиме дали посетуваат обуки, а ако не постуваат, сакаме да видиме зошто не посетуваат“, вели проф. Лозаноска, координаторката на проектот.