Ќе се исклучи мерната станица во Велес – имало многу прав од реконструкција на улица

Измерените вредности на честичките ПМ 2,5 и ПМ 10 биле високи, но сепак не биле „реални“ оти причината била прашината од реконструкцијата на улицата, велат од Министерството за животна средина

Фото: МЖСПП

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека ќе ја исклучи мониторинг станицата Велес 2. Причините за ова е дека инструментите покажувале превисоки вредности на аерозагадување, поради реконструкција на улица во околината на станицата.

Станува збор за мерната станица во градинката „Димче Мирчев“ и реконструцијата на улицата Благој Ѓорев во непосредна близина на станицата. Измерените вредности на честичките ПМ 2,5 и ПМ 10 биле високи, но сепак не биле „реални“ оти причината била прашината, велат од Министерството.

„Бидејќи изворот на загадување е премногу блиску до станицата, измерените концентрации не ја даваат релевантната слика за квалитетот на воздухот во општина Велес. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина истите ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи“, се вели во соопштението.

Министерството истовремено препорача граѓаните да преземаат мерки да се заштитат од правот, а на Општина Велес Veлес ѝ порача „да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел истата да биде постојано во влажна состојба“.