По владината одлука за забрана на онлајн коцкањето, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека следниот чекор ќе биде детекција и гасење на сите страници кои приредуваат игри на среќа на интернет, а во оваа акција покрај домашните, ќе бидат опфатени и странските играчи на пазарот.
Забраната за веб-страниците регистрирани во странство е втора фаза од справувањето со нелегалното онлајн-обложување за што Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за електронски комуникации, МАРНЕТ и Лотаријата на Македонија веќе имале состанок и ги утврдиле конкретните чекори.
„Страшниот дел е што многу малолетници се вклучени. Во моментот се стотина странски веб-страници, но најкористени се две-три, кои претпоставувам сите ги знаете. Мислам дека во првата фаза ќе треба да се работи овие 100 да се забранат, а пoтоа ова ќе биде континуиран процес“, рече Андоновски.
Тој додаде дека ова не може да се направи еднаш засекогаш, туку постојано треба да се ажурира оваа листа и постојано да се информираат АЕК и телеком-операторите дека нешто се случува за да може постојано да се движат кон забрана на овие нелегални приредувачи игри на среќа.
„Ако тие беа регистрирани во Македонија, ова е кривично дело што го прават, но затоа што се регистирирани во странство, не може да се стигне до тоа кој точно е приредувачот и мора да одиме со забрана на пристапот“, рече Андоновски.
Тој додаде дека во Лотарија на Македонија веќе се прават табели коишто утврдуваат кои точно веб-страници се најприсутни и каде најмногу се активни нашите граѓани и на кои веб-страници најмногу се приредуваат тие нелегални игри на среќа.