Ќе се чисти депонијата Визбегово од 50.000 кубни метри различен отпад

Фото: Арбнора Мемети

Ќе се чисти депонијата Визбегово, децениски проблем на Скопје и еден од поголемите причинители на загадувањето на воздухот. Активностите денеска ги најавија министерот за животна средина Насер Нуредини, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и градоначалниците на Бутел и Шуто Оризари, Велимир Смилевски и Курто Дудуш, откако вчера Државниот инспекторат за животна средина на лице место откри како камиони и понатаму нелегално депонираат отпад.

Депонијата во изминатите години често се палеше сама или од страна на несовесни граѓани, заради неправилното складирање на отпадот. Иако нелегална и законски затворена, депонијата Визбегово секоја година стануваше сè поголема и поголема депонија, а во неа се исфрлаше секаков вид на комунален, градежен, но и отпад со непознато потекло кој може да биде и опасен.

За градоначалникот на Скопје, Шилегов, акцијата за конечно отпочнување за чистење на Визбегово е пример за соработка на институциите во решавање на заеднички проблем.

„Очекувам дека за триесет дена ќе биде исчистена целата површина од десет хектари. Тоа се десет фудбалски игралишта на кои се проценува дека има над 50.000 кубни метри отпад. Оваа локација ќе ја подготвуваме од депонија да прерасне во зелена површина, а во иднина инспекциите и редарските служби, кои сега работат здружено нема да имаат толеранција за ниту еден несовесен граѓанин кој ќе се обиде повторно да фрли отпад на оваа или било која друга локација. Со тоа Градот Скопје ја решава и четвртата точка, по расчистувањето на депониите во Ѓорче Петров, во Мичурин и во Кисела Вода“, посочи Шилегов и истакна дека очекува во грижата и зазеленувањето на оваа површина да се вклучи и бизнис заедницата од зоната во Визбегово, а граѓаните на Скопје да го чуваат градот како својот дом.

По чистењето на четирите поголеми депонии, информира Шилегов, ќе остане проблемот со Вардариште, како една од најголемите еколошки закани за градот и пошироко. Досега, посочи тој, Комунална хигиена подигнала 130.000 кубни метри отпад од диви депонии. Заради тоа најави засилување на инспекцискиот надзор и казнување на секое фрлање отпад, па дури и одземање на камионите на несовесните граѓани.

Министерот Насер Нуредини, потенцираше дека отпадот и нелегалните депонии се реалност во многу региони и иако се во надлежност на општините, Министерството активно работи да им помогне да ги исчистат. Конкретно, чистењето на Визбегово, Министерството ќе го помогне со 20 милиони денари.

„Почнуваме да решаваме една од најголемите еколошки закани во Скопје, која влијае на квалитетот на воздухот и почвата. Се надевам дека ова е последен пат кога локацијата изгледа вака и дека Визбегово ќе биде успешен пример како и други нестандардни депонии можат да бидат решени. Во меѓувреме работевме и на пакет на шест закони за управување со отпадот преку кои ќе се имплементира циркуларната економија и со што ќе работиме на намалување на количините кои ќе треба да се депонираат“, посочи Нуредини.

Тој информира дека Министерството има програма за чистење на диви депонии за идната година, а се работи и на унапредување на третманот на отпадот и на Дрисла. Нагласи дека активно работат и на намалување на загадувањето на воздухот, пред сè со измени на закони, средување на сообраќајот и намалување на емисиите од индустријата.