Ќе ги помести ли штрајкот уписите во средно?

Фото: Архива на Мета.мк

Со оглед на тоа дека веќе втора недела се штрајкува во просветата, неизвесно е дали ќе биде продолжена учебната година, нешто што може да влијае на уписот во средно образование. Бидејќи има прецизни датуми и конкретни рокови, некои директори на училишта стравуваат дека штрајкот може да го помести планот за запишување нови ученици. Андреј Манолев, директорот на гимназијата „Никола Карев“ вели дека можно е да се пролонгира учебната година, а тоа да влијае и на уписите.

„Уписите се на 14, 15 и на 16 јуни. Законски, во основните училиште сабота е неработна, па не знам како ќе го одработат пропуштеното, кога нема да има кога, ако биде одлучено да се работи во саботите. Дали ќе имаат време професорите да предадат сè што е предвидено со програмата, за да потоа формираат оценки, останува неизвесно. Не се знае дали ќе се пролонгира школската година или ќе има скратена варијанта на наставните програми, за да можат учениците да бидат оценети, а потоа и да можат да поднесат документи за упис“, вели Манолев.

Оваа година, пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни. Пријавувањето на учениците ќе се врши преку електронско аплицирање, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk, со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Oва е наведено во конкурсот за упис во училишта за средно образование за учебната 2022/2023 година.

„Првото пријавување на учениците ќе се врши на 14 јуни и на 15 јуни. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 16 јуни на
https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет страницата на Министерството за образование и наука, најдоцна до 9 часот. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 16 јуни од 12 до 19 часот, како и на 17 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето. Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 18 јуни на огласната табла во училиштето“, наведено е во конкурсот.

Како што е наведено во конкурсот, во училиштата каде што се пријавуваат поголем број на ученици од планираните предвидени, а кои ги исполнуваат предвидените услови, се организира квалификационо тестирање. Тестирањето се однесува за сите ученици кои имаат ист број поени и се под и над последниот реден број предвиден за прием согласно конкурсот. Тестовите ги подготвува Бирото за развој на образованието, а тестирањето ќе се организира на 20 јуни.