Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, по повод 10-годишниот јубилеј од основањето и во пресрет на Светскиот ден на поезијата, денеска подари 100 книги од македонски автори на Националната библиотека во Софија.
Најголем дел од подарените книги се стихозбирки од најстарата македонска книжевна генерација, почнувајќи од класикот на македонската поезија Ацо Шопов, чие прво дело преведено на бугарски јазик беше објавено минатата година, преку дела од академиците Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Катица Ќулавкова, до најмладата македонска поетска генерација со дела од Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Јовица Тасевски Етернијан.
Најголем дел од подарените книги се на македонски јазик, а еден дел и книги од наши автори преведени и објавени и во Бугарија. Репрезентативен примерок дела од „Струшки вечери на поезијата“, исто така, беа дел од донираните книги на најголемата библиотека во Бугарија.
За колекцијата подарени книги директорот на КИЦ на Македонија во Софија, Васко Шутаров, доби благодарница од директорката на Националната библиотека на Бугарија, Борјана Христова.