Кирилицата ѝ е омилена азбука – младата Габс од Бразил самостојно учи македонски јазик

Габс

„Здраво! Мило ми е! Па, јас сум Бразилка, можеш да ме викаш Габс и денес ќе се обидам да отсвирам и да испеам една песна на македонски“.

Со овие зборови и потоа со изведбата на песната „Сакам да живеам“ од групата Нокаут, македонската младина ја запозна бразилката Габриела Роша, која веднаш ги освои симпатиите и срцата со нејзиниот глас, но и со желбата да го изучува и зборува македонскиот јазик.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gabriela Rocha (@gabshiro)

По ова видео, Габс почнала да добива многу пораки и коментари со воодушевувања и поддршка. „Мета.мк“ стапи во контакт со неа, со цел да ја запознаеме подобро и да ја прашаме од каде ѝ е желбата на една девојка од Бразил да го изучува македонскиот јазик.

Како што ќе каже таа, кирилицата ѝ е омилена азбука и многу ги сака словенските јазици.

Краткиот разговор со Габс го водевме на англиски, затоа што, иако разбира македонски, тешко ѝ оди формирањето на целосни и сложени реченици, поради, како што вели, многуте правила. Габс за себе вели дека е обична и едноставна девојка од Бразил, но пред сѐ, дете на планетата Земја и сонувач кој сака да запознава и учи нови работи. Една од страстите, покрај музиката, ѝ се и јазиците.

„Ме фасцинира тоа на колку различни јазици луѓето можат да комуницираат. Ако ги земеме за пример животните, огромно мнозинство од нив произведуваат звуци кои се поединствени меѓу нив, односно се универзални. Убедена сум дека моите кучиња овде во Бразил многу добро ќе се разберат со кучињата во Македонија. Додека ние, луѓето, имаме различни јазици на секое место. Мислам дека ова е нешто неверојатно“, вели Габс.

Таа е родена во градот Сао Паоло, каде сѐ уште живее и работи. Неодамна дипломирала како архитект и урбанистички планер, а во моментов посетува дополнителни технички курсеви за градење и работи во архитектонска фирма.

Кога ја прашавме за јазиците, вели дека, изненадувачки, течно зборува само португалски, кој е официјален јазик во Бразил. Англиски знае доволно за да води нормален секојдневен разговор, а прилично добро ги разбира и шпанскиот, италијанскиот и по малку, француски и германски.

„Тоа е исто како што вие во Македонија можете до некаде да ги разберете српско-хрватскиот, бугарскиот и рускиот“, појаснува Габс.

Знае по неколку зборови и на руски и српско-хрватски и вели дека ужива во звукот на словенските јазици. Сите овие јазици ги изучувала сама, преку материјали на Интернет.

„Немаме добро јазично образование во бразилските јавни училишта, тука учиме само португалски јазик. Оние кои имаат повеќе финансиски средства учат во подобри училишта или посетуваат дополнителни курсеви. Јас секогаш учев во јавни училишта, затоа што доаѓам од скромно семејство. Така што, јазиците ги изучував сама, со темпото со кое можев, поради другите секојдневни обврски. Многу сум благодарна што денес имаме Интернет за тоа“, вели Габс.

Габс
фото: лична архива

Со македонскиот јазик првпат се сретнала пред четири години, кога на социјалните мрежи запознала пријателка од Македонија. Тогаш го изучувала рускиот јазик, па кириличните букви веќе ѝ биле познати.

„Тогаш објавував цртежи и постови поврзани со архитектурата, една девојка ми лајкна неколку цртежи, а кога го видов нејзиното долго име составено од многу согласки една до друга, се заинтересирав, пристапив до нејзиниот профил и сфатив дека и таа, исто така, студира архитектура. Оттогаш зборувавме неколку пати. Кога ја прашав од каде е, и кога таа ми рече – од Македонија, ме остави во прашалници – каде ли е Македонија?“, раскажува младата Бразилка.

Откако ги научила кратките зборови како „да“, „не“, „здраво“ и „благодарам“, сфатила дека некои зборови се слични со рускиот и оттогаш се впуштила во подетално запознавање на македонскиот јазик. Денес разбира „малку повеќе од формирање на целосни реченици“, а полесно ѝ било да пишува на македонски, отколку да зборува.

„Како што сум љубопитна, не можев да престанам да барам содржини за македонскиот јазик, македонската азбука и сѐ поврзано со Македонија. Го сакав и рускиот јазик, но немав пријатели од таму. Имав пријатели од Македонија, со кои навистина можев да научам нешто, да вежбам и да разменувам искуства. Така, без да забележам, од руски се префрлив на изучување на македонскиот јазик“, објаснува Габс.

Македонскиот јазик го опишува како „неверојатен и многу интересен“, но и тежок, особено кога требало да зборува и да ги следи правилата пред да изговори нешто.

„Признавам дека понекогаш ми е тешко да разберам, затоа што во некои зборови има многу согласки една до друга, редот во речениците ме збунува и не знам речиси ништо околу граматиката. Нештата ги паметам според бројот на пати кога ќе бидам и слушнам некој збор или реченица. Покрај тоа, вистински предизвик е да најдеш материјали за јазикот, дури и на Интернет“, вели Габс.

Вели дека пријателите ѝ помагаат кога прави грешки, но и дека тоа на моменти знае да биде макотрпна работа, затоа што македонскиот јазик го изучувала преку англискиот. Натешко ѝ било разбирањето на личните заменки за директен предмет.

“Едноставно не можам да разберам како функционираат „го“, „ја“, „нѐ “ и останатите. Пријателката ми објасни неколку пати, на неколку начини, но сѐ уште не можам да ги разберам, барем не целосно. Ги разбирам по малку, но не знам како да ги користам. Во даден момент тоа беше најголемиот предизвик што требаше да го научам, иако верувам дека понатаму ќе има уште поголеми предизвици. Сѐ уште не знам како да ги користам ниту сврзниците, но продолжувам да се обидувам“, раскажува Габс.

Таа има и свој омилен македонски збор.

„Омилен збор ми е „срце“. Освен поради прекрасното значење кое овој збор го има во секој јазик, омилен ми е и поради тоа како звучи. Не беше едноставен збор кој треба да се научи, затоа што во него гледав само согласки. Со тек на времето почнав да разбирам како гласот „р“ во некои зборови има улога на самогласка. Исто така, буквата „ц“ ми е една од омилените букви во кирилицата, поради нејзиниот звук. Ах, секогаш е до звуците – затоа ја сакам и музиката“, вели таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gabriela Rocha (@gabshiro)

Во меѓувреме, Габс на социјалните мрежу се спријателила со многу луѓе од Македонија. Вели дека наоѓа големи сличности помеѓу луѓето од Балканот и Латинска Америка.

„Јас сум таков ученик – секогаш сакам да поставувам прашања и да коментирам на објавите. Бразилците се многу речовити, сакаме да шириме нови пријателства и многу да зборуваме, како што можете да видите. Чувствувам голема близина помеѓу латинските и балканските народи. Имаме некои проблеми, но го одржуваме доброто расположение и сме гостопримливи и забавни, и покрај потешкотиите. Тоа многу го сакам. Мислам дека тоа е она што ме спои со македонскиот јазик, музиката, културата и луѓето“, вели Габс.

Габс досега немала прилика да ја посети Македонија, но сигурна е дека некогаш ќе дојде, затоа што земјата ја доживува како „неверојатна“ и „малку познат рај“.

Таа е децидна дека ќе продолжи да го изучува македонскиот јазик и упатува благодарност до сите кои ѝ испратиле убави вибрации, пораки и коментари.

„Тоа се многу љубезни гестови. Многу ви благодарам, од срце! Ќе продолжам да го изучувам сѐ повеќе македонскиот јазик и да снимам повеќе видеа. Обединувањето на моите страсти, јазиците и музиката, и имајќи ја сета оваа наклонетост и признание, се најдобрите чувства кои ги доживеав во последно време. Се гледаме наскоро“, вели Габс.