За автопатот Кичево – Охрид ќе бидат потребни дополнителни средства, но по сѐ изгледа и неколку месеци повеќе до целосното пуштање во употреба. Ова денес го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по отчетот во Царинската управа за резултатите од работењето.

Мицкоски не прецизираше уште колку пари ќе бидат потребни за завршување на автопатот, ниту од кого ќе се земат, но објасни дека е тоа поради дополнителни работи кои не биле предвидени со проектот, меѓу другото и за санирање на свлечишта на делницата кај Ботун, за кои рече дека биле уште попредизвикувачки од десетте кои се меѓу Кичево и тунелите кај Пресека.

Владата вчера свечено пушти во употреба 17 километри од автопатот Кичево – Охрид, којшто е во вкупна должина од 57 километри, иако само пред еден месец најавуваше дека ќе бидат пуштени 40 километри од автопатот, со прекин кај Ботун.

Изградбата на автопатот, проектиран со вкупна должина од 57 километри, почна во 2014 година и од првично предвидените 374 милиони достигна вредност од 598 милиони евра. Не е завршен и покрај неколкуте анекси на договорот со кинески „Синохидро“ со кои беа продолжени роковите.

Новинарите денес, прашувајќи го премиерот кога може да се очекува целосно пуштање на автопатот, а не дел по дел, посочија дека и покрај пуштањето на една делница, тој и натаму останува голем предизвик за возење до и од Охрид, особено на одредени делови каде што е навистина небезбедно. Исто така, прашањето се однесуваше и на обвинувањата од СДСМ дека станува збор за „фушерај“, но и за динамиката на другите автопатишта во изградба.

„Јас не би го коментирал СДСМ, мислам дека имаат многу поважна работа од тоа да излегува со вакви пораки во јавноста“, рече Мицкоски, додавајќи дека опозициската партија прво треба да се консолидира „бидејќи се соочува со уште еден дебакл на уште едни избори кои што ќе се случат набргу од денеска“.

Во однос на динамиката на изградба на автопатот Кичево – Охрид, кој што е дел од Коридорот 8 Мицкоски посочи дека пред осум месеци состојбата била „до никаде“.

„Се работеше во три смени, се работеше жестоко, се работеше посветено и резултатот од таа посветена работа се овие први 17 километри, иако делницата е 20 километри. Но, делот каде што се скршнува накај Пресека до тунелите не е пуштен во употреба, бидејќи таа делница од Врбјани до Кичево е исто така во должина од 17 километри, дополнително треба да се заврши, бидејќи 10 свлечишта кои што за жал останале заборавени и сега се направени проекти и тие треба да се стабилизираат“, рече Мицкоски.

„Очекувам до декември, еве да оставиме малку простор, да речеме првиот квартал 2027 година и тоа да биде завршено“, рече премиерот. Тој додаде дека очекува многу брзо, во август, да се отпочне со нивно стабилизирање.

Тој објасни и дека кај дел од петте километри од месноста кај селото Ботун исто така има шест свлечишта и дека тие се можеби поголеми и попредизвикувачки. Проектите за нив биле веќе готови и очекува во август да отпочне нивната реализација.

„За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот, бидејќи, за жал, тоа не било предвидено во минатото“, рече Мицкоски.

Тој исто така објасни дека се привршува секцијата од Климештани до Охрид, во должина од 17 – 18 километри кои што очекува до крајот на август да бидат пуштени во функција.

„Со што, од вкупната делница од 57 километри, некаде 34-35 километри до крајот на август ќе бидат автопатско решение, минус оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево кои што очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година, почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал 2027 година“, рече Мицкоски.

Од Владата и од надлежното Министерство за транспорт до неодамна најавуваа пуштање на 40 километри од автопатот до крајот на јуни.