Credit: Macau Photo Agency @ Unsplash

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info анализираше тврдења изнесени од кинеската новинска агенција Шинхуа, дека кинеската влада не одложувала објавување на информации или ги прикривала. Спорниот текст е од 7 јуни, а се однесува на објавената Бела книга на кинеската влада, во која се говори за одговорот на Кина на епидемијата на ковид-19 и пандемијата што уследи потоа, а за која се верува дека почна во кинескиот град Вухан, во провинцијата Хубеи.

„Под наслов „Борба со ковид-19: Кина во акција“, Белата книга вклучува изобилни пофали за владејачката Комунистичка партија на Кина (КПК), пишува polygraph.info.

„По стивнувањето на епидемијата, кинескиот народ осозна дека водството на КПК е најдоверливото засолниште од бурите“, вака Шинхуа цитира дел од Белата книга.

Според агенцијата, Белата книга исто така вели „Овој високо ефикасен систем ја направи можна за Кина победата во целосната народна војна против вирусот“.

Текстот на Шинхуа исто така одговора на нападите од државните функционери на САД и на други фактори дека кинеската власт на почетокот ја сокривала епидемијата на новиот корона вирус и го одложила објавувањето на неговото постоење. Во него се цитира Ма Шиаовеи, директор на Националната здравствена комисија, кој вели дека „немало одложување или прикривање“ во реакцијата на кинеската влада на епидемијата на ковид-19.

Polygraph.info порачува дека таквите тврдења се неточни и потсетува дека во април објавил анализа врз основа на проверка на фактите, која ги оповргнува тврдењата на кинеската влада дека веднаш ја известила меѓународната заедница за новата вирусна епидемија во Вухан на крајот на декември 2019 г.

Но случаи со новиот вирус биле откриени уште во првата седмица на декември, што значи дека хронологијата на кинеската влада открива оти нејзиниот одговор стасал две седмици по епидемијата, пишува познатиот сервис за проверка на фактите.

Дополнително, „Саут Чајна Морнинг Пост“ на 7 јуни извести дека цензурата од кинеските власти на социјалните медиуми и активностите против независните новинари веројатно ги одложиле чекорите за контрола на пандемијата, потенцијално зголемувајќи го бројот на заразени.

„Истражувањето објавено во научното списание „Нејчер“ минатиот месец проценува дека ако се спровела итна интервенција против ковид-19 во Кина само една седмица претходно, бројот на случаи би биле драматично смален за 66,6 отсто. Дејствување три седмици претходно, на почетокот на јануари би ја намалило бројката на случаи за 95 отсто, според научна студија на научници од Кина, САД и Велика Британија“, пишува „Саут Чајна Морнинг Пост“.

Овој весник исто така изнесува дека, заедно со цензура на домашните социјални мрежи, како Веибо, кинескиот пандан на Твитер, фактот дека интернетот во Кина е „заробен“ во владин firewall го прави тешко пробивањето на информацијата за епидемијата надвор од границите на Кина, со што меѓународната заедница била несвесна за опасноста.

Додека кинеските власти отстранувале постови за болеста од социјални мрежи, полицијата застрашувала доктори кои објавувале за појавата на чудна нова болест, од коишто најпознат е Ли Венлианг, офталмолог од болницата во Вухан. На 30 декември 2019, Венлианг напиша на ВиЧет (кинеска апликација за инстант-пораки) за невообичаено виисок број пациенти коишто се дијагностицирани со болест слична на САРС, вирусот што убие речиси 800 луѓе во Кина меѓу 2002 и 2004 . Ли Венлианг беше официјално укорен од Бирото за јавна безбедност на Вухан за „изнесување невистинити тврдења“ онлајн.

И други доктори беа цел на прогон поради обидите да се предупредi јавноста за новата болест, додека локалните власти во Вухан ја ублажуваа опасноста од болестa, со што се губеше пресудно време за дејствуваwe. Самиот Ли Венлианг се зарази и почина на 7 февруари годинава, пишува polygraph.info.

Иако Светската здравствена организација јавно ја пофали реакцијата на кинеските власти на пандемијата во клучниот месец – јануари, функционери на СЗО приватно се жалеле на одложувања и блокади од страна на кинеските власти. Кинеските здравствени власти го одложија објавувањето на геномот на вирусот до една седмица откако тој бил мапиран и чекал уште подолго за да објават витални бројки за случаите.

Недостигот на транспарентност исто така имаше сериозни последици за СЗО. На 29 мај претседателот на САД, Доналд Трамп објави дека САД ќе се повлечат од СЗО, наведувајќи го како причина нејзиното справување со пандемијата во Кина. Некои од тврдењата на Трамп за пропусти на СЗО се покажаа неточнi, а и самиот Трамп во јануари ја пофали Кина за тоа како се справува со коронавирусот. Сепак, пофалбата од СЗО за кинеската влада додека претставниците на светската организација на терен во Кина се соочува со бирократски пречи и одложувања доведе до впечатоци дека СЗО била премногу либерална кон Кина, пишува polygraph.info.

Едно друго обвинување насочено кон кинеската влада и од страна на САД и на европски земји е дека Кина, заедно со некои други земји, ширеле дезинформации за коронавирусот. На 10 јуни Европската Комисија ги обвини Кина и Русија за, како што го нарече, „ширење лажни вести без преседан во текот на пандемијата“, потсетува сервисот за проверка на фактите.