Британската јавна радиодифузна куќа BBC | Фото: Би-би-си

Кина официјално забрани во земјата да се реемитува Светскиот сервис на британската јавна радиодифузна куќа Би-би-си.

Според радиодифузните регулатори во најмногубројната земја во светот, причината за ваквата одлука се известувањето на Би-би-си за корона вирусот и за прогонот на Ујгурите, етничко малцинство во Кина. Од Британскиот јавен радио дифузен сервис, Би-би-си порачаа оти се разочарани од ваквата одлука.

Одлуката уследи откако британскиот медиумски регулатор Офком пред извесно време ја одзеде дозволата на државната кинеска радиодифузна куќа Global Television Network’s (CGTN) да емитува во Обединетото Кралство. Како причина за ваквото решение на британскиот регулатор беше наведено дека дозволата на CGTN недозволено била поседувана од Star China Media Ltd.

Од своја страна, кинеската ТВ и Радио администрација вели дека известувањата на Светскиот сервис на Би-би-си „сериозно ги нарушуваат“ правилата за емитување, вклучително и тоа „вестите да бидат вистинити и правични и да не им наштетуваат на националните интереси на Кина“. Исто така беше посочено дека барањето на Би-би-си за следната година нема да биде прифатено.

„Разочарани сме што кинеските власти решија да превземат ваков правец на постапување. Би-би-Си е емитерот на меѓународни вести со најголема доверба и известува за приказни од светот правично, непристрасно и без страв или наклонетост“, реагираа од Британскиот јавен сервис.