Американската команија за производство на електрични возила, Тесла, е под силен притисок во Кина, нејзиниот најважен пазар надвор од САД, каде со години доминираше, објави Њујорк тајмс.
Кога 32-годишната Лиу Џие одлучи да купи електричен автомобил во октомври, Тесла беше еден од нејзините фаворити. Но, по тест-возење на неколку кинески модели, таа се одлучи за спортски седан од Ксиаоми – компанија најпозната по своите мобилни телефони, електрични бокали и роботски правосмукалки.
„Ксиаоми е пофешн. Тесла за мене е малку пре-обична. Моделот Y го гледам насекаде“, изјавила Лиу за Њујорк тајмс минатата недела во Пекинг.
Тоа не е лична работа, велат купувачите. Тесла сè уште се смета за врвен бренд, а Илон Маск е почитуван во Кина. Пекинг му пружи голема поддршка кога ја отвори првата фабрика на компанијата во Шангај. Маск е заслужен за поттикнување на локалната индустрија за електрични возила.
Но сега, пазарот е преплавен од конкуренција од кинески ривали. Возачите што некогаш се свртуваа кон Тесла, сè повеќе избираат локални брендови кои нудат поефикасни автомобили со подобра технологија – понекогаш за половина од цената.
Најголемиот конкурент на Тесла, кинескиот автомобилски гигант BYD, продаде 481.318 возила во првите два месеци од годината, што е за повеќе од 75 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Тесла, пак, продаде само 60.480 возила, што претставува пад од 14 отсто во однос на минатата година.
Продажбата на Тесла во Кина опаѓа во услови кога компанијата се соочува со критики поради улогата на Маск како советник на претседателот на САД, Доналд Трамп за намалување на федералните трошоци. Вредноста на акциите на Тесла падна за околу 25 отсто во текот на изминатиот месец бидејќи инвеститорите почнаа да ја избегнуваат.
Заканата од BYD за Тесла во Кина расте со години. BYD продава околу еден милион автомобили повеќе секоја година во последните три години. Нивната популарност е поттикната од пониските цени, а некои локални власти исто така го фаворизираат BYD во одредени зделки.