Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за странска помош имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.

На средбата биле разменети писма за соработка меѓу владите, а биле потпишани и два договори за неповратни грантови за реализација на проекти во секторите здравство и социјална заштита, како и научно- истражувачка дејност во висина од речиси четири милиони евра.

„Договорот за поддршка во здравствената и социјална заштита е финансиран со грант во вредност од 30 милиони јуани, износ кој надминува три милиони и 800 илјади евра, а преку кој ќе се набават над 100 возила за потребите на здравствениот сектор, вклучувајќи и опрема, за потребите од Итната медицинска помош, како и унапредување на услугите за домашните посети во здравството,“ истакна Османи.

Вториот договор кој беше потпишан денеска, во висина од 620 илјади јуани, или околу 80 илјади евра, е наменет за донација за опремување на Институтот за молекуларна биологија.