Кикстартер-кампања на Ана Јакимска за филмот „Нема духови во туѓина“

Тимот на филмот
Кикстартер кампањата на Ана Јакимска за филмот "Нема духови во туѓина"

Ана Јакимска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а потоа дипломирала и Филмска режија на Факултетот за драмски уметности при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Јакимска моментално е на дополнителни студии – магистериум – на универзитетот Голдсмитс во Лондон, каде што работи на нејзиниот најнов филм со наслов „Нема духови во туѓина“.

Вели дека се свртела кон режирање филмови, затоа што сакала да прави нешто повеќе од книжевноста. Филмот е сепак најнова уметност што ги обединува сите уметности и човек може највеќе да се изрази.

Во македонската јавност, нејзиниот најпрепознатлив филм е „Децата ќе дојдат”.

Постер за филмот "Нема духови во туѓина"Режисерката почна кикстартер-програма за прибирање средства за нејзиниот претстоен филм. Може да се донира на следниот линк

Што се однесува до синопсисот на филмот, жанровски се работи за сатира и хорор филм истовремено

„Кира е британска фотографка со македонско потекло, која првпат во животот патува во родното село на нејзините родители. Таа оди во Македонија за да ги фотографира жените во селото користејќи стар фотографски процес – проект кој треба да ѝ го донесе долгоочекуваниот пробив на уметничката сцена во Лондон. Набрзо, Кира дознава дека жените се плашат од нејзиниот фотоапарат, стравувајќи дека тој има моќ да им ја зароби душата. По ненадејната смрт на една од фотографираните жени, Кира станува свесна дека нејзините дејства имаат последици“, објаснува Јакимска. 

Режисерката открива дека иако филмот целосно ќе се снима во Англија и на него ќе работи меѓународна екипа, неговата приказна е македонска и е инспирирана од македонскиот фолклор.

Во филмот ќе се зборува на македонски и на англиски.

„Развиениот свет сака да се идентификува себеси како спротивност на Истокот, кој по правило е див, непредвидлив и природен. Оваа романтизирана слика за Истокот постои со векови и лесно може да се падне во замката на продолжување на овој стереотип, особено за полесен пробив во индустријата која го очекува тоа од уметникот-имигрант. „Нема духови во туѓина“ има за цел да ја отвори темата за претставувањето на Истокот во уметноста на развиените земји, но и пошироко, за претставувачката моќ на филмот како уметност воопшто“, објаснува Јакимска.

Кикстартер програмата трае уште една недела.