Кике Цветче, јутјуберка: Младите најмногу се интересираат за прашања кои директно ги засегаат

Во светот јутјуберството веќе се смета за професија сама по себе, но кај нас тоа сè уште e во своите зачетоци. Една од ретките девојки во јутjуб заедницата кај нас е Кике Цветче со која го направивме ова интервју.

Јутјуб каналот Кике Цветче е еден од ретките профили од женски автор на нашата Јутјуб сцена, какви содржини можеме вообичаено да видиме на твојот канал?

– Не би можела да ги ставам моите видеа во една категорија, така што кај мене може да се најдат разновидни содржини, од влогови, до рецепти па и предизвици. Но дефинитивно сите се базирани на хумор и забава. Јутјубот ми е хоби, па затоа секогаш гледам да се забавувам додека снимам видеа.

Како една од само неколкуте јутјуберки во нашата држава дали мислиш дека има некоја конкретна причина зошто споредбено со машките, многу помал број девојки се одлучуваат да почнат да снимаат?

– Искрено, не знам. Имам забележано дека има многу девојки кои почнуваат да снимаат, но по одредено време се откажуваат, па дури и ги бришат видеата кои ги имале снимено. Мислам дека најверојатно девојчињата се посрамежливи и повеќе придаваат значење на лошите коментари кои сите ги добиваме отстрана. Плус на машките им е многу полесно да застанат пред камера и да се снимаат, а на женските им се општествено наметнати сите тие правила дека треба да се средени, дотерани и нашминкани и да „личат на жени“, без разлика каде и да се наоѓаат. Затоа, барем јас, пробувам да ги рушам тие стигми во моите видеа, па се снимам и без шминка, посебно во влогови; се снимам веднаш после будење наутро; на Инстаграм имам зборувано и за влакната на женското тело и за двојните стандарди кои постојат.

Дали создаваш или си размислувала да создаваш содржини за општествено битни прашања?

– Сум имала желба да почнам да правам и такви видеа, меѓутоа не сум имала доволно време да посветам на тоа, а не сакам само да е избрзано и неинформирано. Една од резолуциите во новата година ми е да бидам поактивна на Јутјуб, па мислам дека конечно ќе почнам да снимам и такви видеа каде ќе си го искажам моето мислење бидејќи сметам дека може позитивно да влијае врз младината.

Дали има теми кои сметаш дека не се доволно застапени во медиумите, кои се тие теми?

– Денес се зборува јавно на многу теми и светот како целина оди напред, имаме прогресивно размислување и сфаќање на работите, па дури и нашата држава пополека чекори по тој пат. Би рекла само дека треба да се пазиме што и од каде се информираме онлајн, бидејќи постојат многу сајтови и портали со лажни вести.

Дали сметаш дека во нашата држава младите се чувствуваат слободно јавно (преку јутјуб/инстаграм) да ги искажат своите мислења?

– Младите ги имаат на располагање социјалните мрежи уште од многу мала возраст и дефинитивно ги користат за различни намени. Покрај забава и социјализирање, мислам дека имаат сè поголема и поголема слобода да си го искажат своето мислење јавно. Покрај Јутјуб и Инстаграм, тука би го вброила и Твитер, од лично искуство. Пред неколку години и пред Кике Цветче на Инстаграм и Јутјуб, бев најактивна на Твитер и таму навистина се чувствував дека сум слободна да искажам сè што ми лежи на ум. А гледав дека и другите го прават тоа бидејќи твитер заедницата растеше и се развиваше, па така се зближував со луѓе, си наоѓав истомисленици, па дури и одевме на протести заедно. Пред пет години протестиравме да не се воведе екстерно тестирање на факултет и јас бев таму цело време со твитерџии.

Како креатор кој создава соржини за млади дали сметаш дека на младите им се важни (и дали се доволно ангажирани за) општествено битни прашања, како на пример: загадувањето, системот на образование, здравството, инфраструктурата…?

– Секој од нас има различни интереси, а интернетот нуди огромен избор на информации, па затоа сметам дека секој има право да посветува внимание и да се интересира за тоа што сака. Иако поголемиот дел од младите се можеби повеќе свртени кон забава, свеста за многуте „фалинки“ во нашето општество се крева и развива и кај младите денес. Најмногу се интересираат за прашања поврзани со работи кои директно ги засегаат нив, како што е образованието; но и за некои поопшти кои претставуваат проблем за целата нација. Јас стварно се израдував пред месец дена кога видов колку многу средношколци излегоа да протестираат против загадениот воздух на ниво на цела држава. Тоа е дефинитивно пример дека ако се сака, се може.