fbpx

Кежаровски привремено ослободен од затвор, протест ќе има

-

Новинарот Томислав Кежаровски, кој во петокот минатата недела од домашен притвор беше спроведен во затворот Скопје на издржување на затворската казна што му ја одреди Апелацискиот суд, утринава бил пуштен на слобода со решение за привремен прекин на казната.

Како што ни рече Кежаровски во телефонскиот разговор, тој е пуштен дома на само еден месец и на 18 февруари треба повторно да се јави во затворот „Скопје“.

– Ми дадоа решение за прекин на издржувањето на казната поради влошена здравствена состојба. Одлуката за пуштање е на предлог на директорот на затворот „Скопје“ – ни рече Кежаровски.

Инаку со ова не се откажува протестот на новинарите и на новинарските здруженија, закажан за денеска во 12 часот, пред Апелацискиот суд Скопје .

– Остануваме на договореното. Протестот ќе се одржи – ни изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Поддршка на протестот најавија граѓански и студентски организации, како „Студентски пленум“ и „Професорски пленум“, а на поддршка на протестот повикаа и партиите од опозицијата.

Пресудата на Апелацискиот суд, која беше објавена во четвртокот минатата недела, освен кај домашните новинарски здруженија и новинари, наиде на жестока осуда и од интернационалните организации на новинари, кои добија интензитет по брзото префрлање на Кежаровски од домашен притвор во затворот „Скопје“, во Шуто Оризари.

„Тоа што Кежаровски повторно е лишен од слобода е неприфатливо. Јас секогаш ја препознавав и истакнував важноста на владеењето на правото и работата на судството, но оваа одлука и итното апсење вчера се многу разочарувачки и непропорционален одговор. Затворањето новинари за она што ќе го кажат или напишат е неприфатливо во една демократија. Затворањето на Кежаровски е опасен преседан за слободните медиуми и за истражувачките новинари. Крајно време е властите во земјата да го намалат притисокот врз медиумите и да ги почитуваат слободните и критички гласови. Кежаровски треба итно да биде ослободен“, реагираше високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ.

Портпаролот на „Репортери без граници“, Кристијан Мир, изјави дека станува збор за „апсурдна пресуда, недостојна за земја-кандидат за членство во ЕУ“.

– Кежаровски не треба да помине ниту еден ден во затвор. Единсветната „вина“ на Кежаровски е што укажал на недостатоците на македонската влада и судството – изјави Мир.

Во идентичен осудувачки и критички тон беше и изјавата на Жим Бумеља, претседател на Интернацоналната федерација на новинари кој вели: „Кежаровски е невин новинар, кој не треба да биде затворен затоа што си ја извршувал својата должност. Одлуката на судот е срамна и бараме негово итно ослободување“.

– Тој само си ја вршеше својата работа. Воопшто не смееше да биде затворен поради обвинувањата против него. Оваа пресуда е вистински срам за државата. Прекумерната пресуда испраќа порака на цензура до другите новинари во земјата. Низ Европа, на новинарите им е дозволено да објавуваат истражувачки стории од јавен интерес без закана од затвор. Ние ќе информираме за овој случај пред меѓународните организации кои се занимаваат со медиумската слобода – изјави претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Блишер Бјерегард.

Филип Медарски, адвокат на Кежаровски, по експресното затворање на Кежаровски, најави дека ќе го искористат институтот условен отпуст. Тој не сака да го коментира објаснувањето на Основниот суд Скопје 1 за брзата реакција на судот по објавената пресуда за Кежарвоски.

– Институтот условен отпуст е правниот лек што ќе го искористиме во случајот. Објаснувањето на Основниот суд Скопје 1 не би сакал да го коментирам, тоа во некои случаи досега беше побиено и тоа за нас е завршено поглавје. Ќе ги искористиме правните механизми што ни стојат на располагање, односно институтот условен отпуст, за кој процедуата трае од две до три недели – изјави Медарски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...