Електронскиот систем за наплата на патарините засега ѝ носи скромни приходи на државата. Уделот на новиот начин на наплата во вкупните приходи од патарина во изминатово лето изнесувал околу 5,6 отсто. Од продажбата на електронските уреди за плаќање на патарина и од надополнувањето на овие уреди во јули и август биле инкасирани околу 528.000 евра. Наспроти ова, вкупните приходи од патарината во овие два месеца изнесувале над 9,5 милиони евра, покажуваат податоците на Јавното претпријатие за државни патишта.

Бројот на корисници на електронскиот систем на наплата продолжил да расте и во август. Заклучно со 31 август, продадени 8.121 М-карт и М-таг уреди за плаќање на патарина. Од нивната продажба е остварен приход во износ од 63.500 евра. Во јули и август се собрани околу 465.000 евра од надополнувања на електронските уреди од возачите. Во наредниот период ќе се пушти во употреба и пост – пејд начинот на електронска наплата, којшто ќе треба да ја зголеми искористеноста на новиот систем.

Наспроти првичните ниски приходи, за да се воведе електронската наплата на патарините долж Коридорот 10 беше подигнат заем во износ од 18,7 милиони евра. Во меѓувреме, државата зеде нов кредит од 15,3 милиони евра за воведување на електронскиот систем на наплата на Коридорот 8, како и за изградба на три нови патарини на новите автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, чија имплементација треба да започне претстојнава есен.

Електронската наплата на патарините по автопатот на Коридорот 10 беше пуштена во употреба на 3 јули годинава.