Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Во време кога голем дел од Австралија ја пустошат големите пожари, во некои медиуми во Хрватска се ширеа теории на заговор – дека пожарите се последица на „кемтрејлс“, односно наводно од авиони се испуштани огромни количества нано-честички од алуминиум и бариум. Но, сето тоа се неосновани и злонамерни дезинформации, кои немаат допир со реалноста, пишува хрватскиот сервис за проверка на фактите „Фактограф“.

Анализирајќи ги ваквите тврдења објавени на порталот „Transformacija svijesti“ во статијата под наслов „Според авторот Денис Милс, прашината од алуминиумски и бариумски нано-честички секојдневно испуштани од воздухопловите со тони, е главната причина на катастрофалните супер брзи пожари“, всушност се пренесува преведена статија од наведениот калифорниски автор, чиј оригинал пак воопшто не се однесува на пожарите во Австралија, туку датира од пред две години и се однесува на пожарите во Калифорнија. Денис Милс всушност е е автор на проза со елементи на фантастика, кој е преокупиран со темите НЛО и киднапирања од страна на вонземјани, пишува „Фактограф“ а тврдењата дека некакви злонамерни „прскања“ се виновни за пожарите „не држат вода“ затоа што глобалното затоплување, како што покажале многу научни студии, е главниот причинител за пожарите.

„Фактограф“ притоа ја цитира студијата на Рос Гарно, професор на Националниот универзитет на Австралија во Канбера, објавена уште во 2007 година, по големите пожари во дивината во 2006 и 2007 година. Во тоа дело на 118-та страница трудот на Гарно ја споменува токму 2020 година како пресвртница во поглед на појавата на пожари во дивината, кога сезоните на пожари ќе почнуваат порано и ќе завршвуваат подоцна и ќе бидат поинтензивни од претходно“.

Хрватскиот сервис потсетува и на тезите на Грег Малинс, поранешен комесар за пожарникарство и спасување во сојузната држава Нов Јужен Велс, кој посочува дека долгорочниот тренд е сè потопла и сè посува клима, голема суша, долгорочен пад на врнежите, ниска влажност, високи температури, брзините на ветриштата, раното почнување и задоцнетото завршување на сезоната на пожарите во дивината.