Јове Кекеновски и Ненад Новковски се јавија со реакција и свои аргументи откако денеска беа исклучени од ФРОДЕМ.
„1. Не постои никаква службена електронска адреса на движењето ФРОДЕМ, зашто за тоа е потребна легална регистрација каква што нема. Ако некој се појавува под такво име регистрирано на фирма, тогаш тој не го претставува движењето каде што ние го сочинуваме основниот дел.
2. Во движењето не постои засега никаква формална структура туку работа врз основа на заедничка идеја за враќање на демократијата во Република Македонија. Демократијата ја подразбираме потпрена во прв ред врз внатрепартиската демократија, за која ќе бидеме пример на сите политички субјекти. Токму таа идеја ја напушти вчера во своето интервју Трифун Костовски, со изјавата дека ќе се овозможи влез на членови од актуелната влада во новата власт, со што се самоисклучи. ФРОДЕМ нема во никој случај да допушти во владата во која ќе има клучна улога, да влезе ниту еден од членовите на владата што ги созададе најголемите проблеми во Република Македонија.
3. Лицата што го испратиле соопштението лажно соопштуваат дека сме исклучени, затоа што во ФРОДЕМ не постои конкретен механизам за исклучување членови. Влегувањето и излегувањето се врши слободно, врз основа на определбите. Оној што не ги почитува вредностите на ФРОДЕМ самиот се исклучува и не смее да го користи името. Уште помалку можеле да нè исклучат од нивната паралелна организација, затоа што ние таму не сме членови.
4. Штом дел од членовите на ФРОДЕМ си формирале ново здружение, под водство на Трифун Костовски, тогаш немаат право да го употребуваат името што не им припаѓа. Во духот на највисоките цивилизациски вредности, мирно и спокојно ќе се разделиме и тие можат да си регистрираат нов субјект, со свои определби и со сите делови од интелектуалниот принос што го внеле во ФРОДЕМ, без да чепкаат во она што ние го имаме создадено.
5. Дека лицата што го дале соопштението не ги почитуваат основните вредности на ФРОДЕМ, дека за нив човекот не е највисоката вредност, покажува и фактот што се обидуваат на конкретни луѓе, со свои препознатливи вредности, коишто се основачи на ФРОДЕМ, да им го одземат она што го создале, и тоа на најбескрупулозен начин.
6. Ние не сме исклучени од ФРОДЕМ затоа што за тоа неименуваните лица немаат овластувања. Продолжуваме понатаму со активно дејствување заедно со сите што се загрижени за демократската иднина на Македонија. Не потклекнавме пред многу помоќни лица во борбата за демократско владеење, нема ни сега“, се вели во соопштението.