Сливот на реката Струмица ќе се обновува за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето, информираше постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон.
– Проектот ќе работи со локалните власти на зајакнување на капацитетите за воведување на принципите на интегрално спречување и на контрола на загадувањето од индустријата, како и на воведување на најмодерните принципи, технологии и инфраструктура за управување со речниот слив – изјави Винтон.
Во рамките на проектот веќе почна програмата за воведување агроеколошки мерки во земјоделското производство.
Заедно со општините и со комуналните претпријатија од регионот се разгледуваат можни решенија за управување со отпадните води во сливното подрачје. Анализите ќе покажат каде треба да се насочат идните инвестиции за намалување на притисоците од отпадните води врз животната средина на исплатлив начин.
Проектот ќе се финансира со помош на Швајцарската агенција за развој и соработка.