Формирање на заеднички истражни тимови во Југоисточна Европа во борба против криминалот, е тема на дводневната конференција на обвинителствата од земјите во регионот што се одржува во Подгорица, соопшти Регионалниот совет за соработка (РCC).
– Загрижува фактот дека има меѓународни криминални групи, а нема заеднички истражни тимови. Поразително ако се знае дека меѓу криминалците постои поголема доверба, отколку меѓу оние што ги гонат – изјави главниот обвинител на Црна Гора, Ивица Станковиќ.
Тој се заложи за непосредна размена на информации, без формални и директни барања за спроведување истражни дејства, без упатување замолници, а сето тоа „врз база на протокол на Европската конвенција за правна помош во кривични постапки и врз основа на Конвенцијата на ООН за борба против транснационалниот криминал“.
– Регионалниот совет за соработка (РCC) ќе ги поддржи сите активности за формирање заеднички инструмент за сузбивање на организираниот криминал преку меѓусебни активности и работилници на заедничките истражни тимови, за да се подобрат директните контакти и размена на искуство – изјави Ивана Гораниќ од РCC.
Заедничката тимови се „услов без кој не се може“ во борбата против криминалот, додаде таа.
Дводневната конференција, на која учествуваат и високи претставници од македонското обвинителство, продолжува со размена на искуства и со можни контакт-точки во борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
Конференцијата е во организација на Советодавната група на обвинители од ЈИЕ, Центарот за спроведување на закони во ЈИЕ и на Регионалниот совет за соработка, главно оперативно тело на земјите членки од Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), каде што членува и Република Македонија.