Предлог-измените на Законот за извршување и Законот за нотаријатот со кои меѓу другото се предвидува и намалување на тарифите за услугите на извршителите и нотарите останаа заглавени во Собранието, кое во изминатиов период се посвети на спроведување на референдумот и на процедурата за уставни промени. Се додека не бидат донесени измените на законот во Собранието не може да се направат и соодветните измени во тарифите кои се носат како подзаконски акт.
Тоа го потврдуваат и од Комората на извршители од каде што велат дека допрва претстои усогласување со претставниците на власта.
„Процесот на промена на тарифите е во фаза на подготовка. Се очекуваат средби со претставници на Министерството за правда на која ќе бидат прецизирани новите одредби“, велат од Комората.
На предлог на министерството за правда, Владата на 90 седница одржана на 25 септември, годинава ги прифати предлог-законите за изменување и дополнување на законот за извршување.
„Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити. Во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог-законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната“, соопшти тогаш Владата.
Се предвидува дека за веќе почнатите постапки доколку не се наплатени одредени трошоци ќе важат новите тарифи, а за она што веќе е платено нема да може да се побарува ретроактивно.