fbpx

Ќе најде ли Самарас 20 пратеници за 12 дена?

-

Претседател или предвремени парламентарни избори во јануари. Ваков е ставот на грчкиот премиер Андонис Самарас по вчерашниот прв круг гласање за претседател во грчкото собрание. Самарас не планира да менува кандидат, ниту изгледа дека би прифатил идеја за национален консензус за гласање претседател под услови на независните кандидати, независно од малата поддршка од само плус пет гласови покрај 155 на владината коалиција што ја доби вчера Ставрос Димас.

Иако никој не очекуваше на првиот круг да биде изгласан претседател, владата очекуваше барем малку поголема поддршка што ќе ги окуражи дека до третиот круг може да стигнат до неопходните 180 пратеници за да биде изгласан Димас. По вчерашните резултати, уште поголема е загриженоста и дилемата од каде ќе се најдат дополнителни 20 пратеници. И да се успее во обидот да се освои некој независен глас, аналитичарите коментираат дека повторно тешко ќе се соберат вкупно 20 пратеници.

– За да се дојде до бројката од 180 потребни гласови, Самарас и ПАСОК ќе треба да ги поделат Независни Грци и Демократска левица и да издејствуваат нивни пратеници да го поддржат Димас. Во моментов тоа изгледа невозможно – коментираат грчки аналитичари за „Мета“.

„Кршењето“ на Независни Грци и на Демократска левица стана уште потешко по нивните изјави дека првиот круг води кон избори, како и повикот на Панос Каменос за Самарас да ја напушти конечно Грција. Каменос, по неговиот состанок со Константинос Мицотакис утринава, спомена дека може да има национален консензус за големите грчки прашања, но само откако ќе поминат парламентарните избори.

Ваквата клима создава вознемиреност во редовите и на Нова демократија и на ПАСОК. Се шпекулира дека пратениците бараат од Самарас да реагира итно и да преземе некаква иницијатива за да осигури поголема поддршка во вториот круг, независно дали се работи за промена на Димас, кој главно се оценува дека не е проблематична личност и во други услови би добил поддршка или, пак, да се најде заеднички јазик со независните кандидати и други пратеници. Стравуваат дека ако и во вториот круг бројките се на вакво ниво, тогаш воопшто и нема потреба да се оди на трет круг бидејќи јасно ќе биде дека владата нема да добие поддршка и ќе мора да се распишат избори.

Вицепремиерот и прв човек на ПАСОК, Евангелос Венизелос, се очекува да предложи национален консензус за претседател за да се избегнат избори. Идејата на Венизелос е да се формира национален тим за преговори во кој ќе учествуваат сите партии од грчкото собрание, кој ќе биде вклучен во преговорите за грчкиот долг. Ваквиот тим би постоел додека Грција застане на нозе и успешно ги заврши разговорите со странските кредитори.

Покрај ваквиот предлог на Венизелос, кружат информации дека и членовите на Нова демократија бараат некакви инцијатива за консензус со другите пратеници од Самарас. Коментарите се дека тактиката на Самарас со заплашување дека доколку СИРИЗА настапи на власт ќе завладее хаос, не успева и мора да се најде начин да се задоволат барања на другите пратеници. Се слуша дека е спомената и идејата за креирање техничка влада за овие специјални услови, но дека предлогот е одбиен од Самарас.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...