fbpx

Казни за мачителите на животни во Вевчани!

-

Фотографии од Вевчанскиот карневал на кои можат да се видат кокошки наденати на вили, живи преплашени кокошки врзани за екстремитетите и фрлани во воздух како да се топки, а не живи суштестваа, труп на убиено куче заврзано за екстремитетите како плен, влечкано и мавано од толпата за да се прикаже пагански ритуал, живо куче со заврзани очи влечено со сила да оди во толпата народ и обезглавени зајаци, денеска ги преплавија социјалните мрежи.

Здруженијата за заштита на животни велат дека се згрозени од фотографиите и од информациите добиени за Вевчанскиот карневал и дека тоа што се случувало таму е садизам. Во нивното соопштение велат дека најостро ја осудуваат злоупотребата и мачењето на животните за кое имаат и бројни фотографии.

– Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и истолерира насилство, страв, крв и безумие! Уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава, со кој без исклучок сите се гордеевме, е засенета. Засенета е бидејќи газеше по животи, бидејќи ја обезвредни слободата на животните и нивните права загарантирани и со закон! Ова не е здрав хумор и ова не го прават здрави луѓе, туку девијантни лица –со тоа карневалот не прикажа како дивјаци и насилници кои не се користат со уметност и со маски, туку во недостиг од имагинација посегаат по животи, стојат инертни пред стравот, болката на животните, смртта на животните, се подсмеваат – пишува во соопштението на „Анима мунди“.

Мери Јордановска, активист во „Асоцијацијата на активисти за права на животните“, вели дека  мачењето и убивањето на животни во име на забава не само што е примитивен чин, туку станува збор за кривично дело.

– Ова дело, за жал, е заборавено од нашите истражни органи, па оттаму апелираме итно да се покрене постапка против сите инволвирани кои во име на добрата забава се изживуваа со суштества кои чувствуваат болка и страв, исто како и луѓето – реагираше Јордановска.

Радмила Пешева од „Анима мунди“ вели дека институциите треба да реагираат на она што се случувало на карневалот. Според неа, многу лоша порака испраќа тоа што сите на карневалот молчеле на изживувањето на животните.

– Фотографиите се страшни. Како може некој да се забавува со измачување живи суштества. Порано овој карневал беше креативен, интересен, а она што се случувало пред некој ден е навистина страшно и испраќа многу лоша порака. Исто така, е кршење на закон. Ние реагиравме до институциите, се надевам дека ќе преземат нешто за да се откријат и казнат сторителите – вели Пешева.

Од здруженијата велат дека фотографиите ги доставиле и до Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот Зоран Поповски и до Секторот за заштита на благосостојба на животните и бараат итно да се постапи според законските норми.

Градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски, за „Нова ТВ“  рече дека не чувствува никаква одговорност бидејќи карневалот во Вевчани бил театар на отворено и се оградува од маските.

– Општината во подготовката на маските воопшто не учествува и маските пред карневалот не ги знаевме. Според наши иформации, кучето било мртво. Воопшто не била намерата таа, само го нашле некаде кучето и, пијани, го собрале – изјавил Угриноски.

На прашањето дали Општината ќе бара одговорност за ваквите маски, Угриноски рече дека отсекогаш на карневалот во Вевчани имало животни.

– По Скопје, кучиња и мачиња шетаат, па затоа прво нека ги соберат мачињата и кучињата таму, наместо да се грижат за некое куче мртво што го зеле василичарите – рече Угриноски.

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...