Парична казна од 2.400 евра заработи приватна фирма во Тетово поради незаконско палење отпадни материи на отворено, а во согласност со Законот за справување со отпад.

Општинскиот инспекторат ја изрече казната откако инспекторите утврдиле прекршување на законот, по претходна дојава од граѓани преку телефонската линија за пријавување аерозагадување.

Ако во рок од осум дена фирмата не ја плати казната, против неа ќе биде покренета судска постапка.

Викендов, општинскиот инспекторат, исто така, констатирал прекршок, односно горење на отпад од автомобили на јавно место. Во овој случај, инспекторите не затекнале очевидци на местото, поради што локалната власт ќе бара од полицијата да го најде сторителот и тој да се казни во согласност со законските одредби.

Досега преку телефонската линија за пријавување загадување и веб-модулот „е-репорт“ (e-report), се пријавени вкупно 132 случаи на аерозагадување.