Казни од 13.000 евра за кичевската „Евротим ГДС“ поради продажба на токсичен мазут

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) спроведе постапка на порамнување и издавање на прекршочни платни налози во износ од 10.000 евра за правното лице и 3.000 евра за одговорното лице за компанијата „Евротим ГДС“ од Кичево поради отстапувања на квалитетот на мазутот што бил пуштен во продажба. Истовремено, донесено е решение со кое на правниот субјект му е наредено да ги отстрани несообразностите кај испитуваниот производ „мазут“ и му е определен рок од 15 дена за постапување по наредбата.

Мострите од складот на мазут во Ресен, сопственост на оваа компанија, покажале вода и седименти од пепел, повисоки од граничните, стандардни вредности.

„ДПИ информира дека резултатите од испитувањето на првиот примерок се конечни. Односно, при првите примероци од земени мостри од складот за мазут во Ресен, во сопственост на оваа компанија, ДПИ констатираше дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430“, соопштија од ДПИ.

ДПИ, како што соопштија, добил одговор од „Евротим ГДС“ ДООЕЛ – Кичево дека компанијата ги прифаќа резултати од анализите на земените мостри од производот мазут.

Паричната казна следува откако на 11 јуни, ДПИ донесе времена забрана за промет со мазут на формата „Евротим ГДС ДООЕЛ Кичево“, бидејќи според анализите било констатирано дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел во мазутот, се повисоки од граничните вредности, поради што беше донесено решение за забрана за промет на мазутот, кој беше затекнат во складот.

Инаку, активни инспекциски контроли на компании-увозници и продавачи на мазут, се спроведоа по налог на Владата, откако во мај годинава Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ објави напис за постоење сомневања дека во земјата се увезуваат токсични нафтени деривати, односно мазут кој се користел како гориво за греење во повеќе државни институции, но и во приватни домашни компании.

После објавата, Владата најави засилени инспекциски контроли на домашните увозници на овој дериват и беа утврдени неправилности кај седум компании на кои им беа изречени решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и одземање на лиценците. Вкупните прекршочни казни се во износ од 55.510 евра.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), пак, започна постапка за одземање на лиценци на трговци: РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје и Ли Оил ДБ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци, поради непоседување на оперативни резерви на мазут, констатирани од страна на ДПИ.