Казнето уште едно кафуле во Центар поради гласна музика

Уште едно кафуле доби казна од Општина Центар поради пуштање гласна музика. Минатата седмица Општина Центар соопшти дека изрекла мандатна глоба од 6.000 евра за кафе-барот „Интермецо“ во Капиштец, поради пуштање гласна музика во долг период наназад, а сега информира дека казна од 500 евра за пуштање гласна музика, односно надминување на дозволеното ниво за бучава, и изречена на локалот „Бруклински“.

Секторот за инспекциски работи на општината на 15 август извршил мерење на бучавата во локалот „Бруклински“, при што е констатирано надминување на граничните вредности. Во петокот, согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, на правното лице Бруклински ДООЕЛ му е изречена паричната прекршочна глоба од 500 евра.

Општина Центар апелира до сите угостители, локали и нивниот менаџмент, да се придржуваат до важечките правилници и законски одредби, да ги почитуваат и да не ги надминуваат дозволените нивоа на гласност и бучава. Истовремено, предупредува дека инспекциските контроли за бучава ќе продолжат.