Казнети лица од Струмица и Куманово кои нелегално собирале отпад

фото: ДИЖС

Повеќе лица од Струмица и од Куманово казнети се со парични казни бидејќи без дозвола собирале отпад од електрична и електронска опрема како и автомобилски школки. Покрај тоа, тие се задолжени да ги расчистат локациите на кои го изложувале отпадот, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Инспекторатот спровел акција на осум локации во Струмица во која покрај инспектори за животна средина, учествувале и инспектор по економски криминал од МВР како и комунален инспектор.

„По утврдување на незаконско собирање, складирање и селектирање на отпад на приватно земјиште, изречени се соодветни санкции“, соопштија од ДИЖС, не потенцирајќи за колкави парични казни станува збор.

Во делот од акцијата во Куманово, пак, биле казнети уште две лица. Од инспекторатот најавуваат дека ќе продолжат со вакви акции во сите општини во кои на незаконски начин се постапува со отпад.