Пред синоќешната трибина на СДСМ, како дел од караванот „На прав пат“, плакати со најава на трибината осамнаа на зградата на Општина Кочани, и тоа на местото каде треба да помине секој вработен и со картичката да го евидентира своето работно време. На ова реагираа од ВМРО – ДПМНЕ од Кочани.
Ден по трибината, Општина Кочани објави дека со помош на видео – надзорот ги пронашла сторителите, при што е утврдено дека се работи за вработени од општинската администрација, меѓу кои и раководители на сектор.
„Против нив, согласно законските прописи, одделението за човечки ресурси презема соодветни мерки. Раководството на Општина Кочани се оградува од нивните дејствија, го осудува секое партиско и неетичко дејствување и ќе побара целосна одговорност од лицата што сториле дисциплински престап, меѓу кои се и високи раководни службеници“, реагираа со соопштение од општината.
Како што посочуваат од општината, ова е уште еден пример за истакнување и наметнување на политичката определба на поединци, со што ја уриваат довербата на граѓаните во работата на институциите на јавниот сектор. На такви лица не им е местото во тимот на ова општинско раководство, нагласуваат локалните власти.
Инаку, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илиев, иако е кандидиран од СДСМ, се определува како надпартиски градоначалник.