Казната за истечениот мазут во Вардар кај Велес е 100.000 евра, ама сè уште не е изречена

И по еден месец, сè уште нема конечен епилог за случајот со истекувањето на еден тон мазут во реката Вардар иако е познат причинителот, а надлежните инспекциски служби извршија увид и собраа докази. И понатаму трае натегањето на Државниот инспекторат за животна средина со претставниците на велешката фабрика „Благој Ѓорев“ околу записникот направен од страна на надлежните државни инспектори за инцидентот, кој треба да биде основа за изрекување на казна за стопанскиот субјект од каде што мазутот се излеал во околната средина, а потоа завршил и во реката.

– Уверен сум дека случајот со излевањето на еден тон мазут во реката Вардар минатиот месец ќе добие соодветен епилог, но управата на фабриката треба да извлече соодветна поука дека мора да ги смени досегашните практики и да ги преземе потребните мерки за да се спречат во иднина вакви еколошки инциденти. За кусо време имавме дури четири сериозни случаи на загадување на животната средина предизвикани од истиот субјект – вели за „Мета.мк“ градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Тој додава дека Државниот инспекторат реагирал упатувајќи свои инспектори да ги утврдат фактите веднаш штом општината, која во моментот немала свој инспектор за животна средина, пријавила дека се случил еколошки инцидент. На 14 јуни еден тон мазут се излеа во водите на Вардар во Велес откако се случила хаварија на резервоарот за мазут на велешката фабрика „Благој Ѓорев“.

Според информациите презентирани од велешкиот градоначалник Аце Коцевски, непосредно по откривањето на овој настан, резервниот резервоар за гориво немал доволно капацитет да го прифати истечениот мазут, па по сливниот канал е истечена одредена количина на улицата „Алексо Демниевски“, а дел од мазутот низ сливна решетка и канали истекол во Вардар.

Вонредниот инспекциски надзор во Велес од 17 јуни утврдил неправилности во кругот на велешкиот производител на масло и од страна на Државниот инспекторат за животна средина беше најавено дека поради утврдените неправилности согласно Закон за животна средина и Закон за управување со отпад ќе бидат изречени санкции за велешката фабрика, но процесот до денес не е завршен бидејќи раководниот орган на фабриката сè уште не го потпишал инспекцискиот записник.

– Инцидентот со излевањето на мазутот во Вардар кај Велес е квалификуван како прекршок од трета категорија според член 212-ж од важечкиот Закон за животната средина и за овој тип прекршоци е предвидена казна до 100.000 евра во денарска противвредност – вели Хусни Тачи, Главен државен инспектор за животна средина.

Тој појаснува дека, во случај прекршителот да ја прифати вината, законот предвидел и можност за спогодување со надлежниот државен орган и во тој случај казната ќе му биде преполовена. Доколку пак да не ја прифати, случајот ќе треба да добие судска разврска.