Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата внимателно работела на предлог-законот за игрите на среќа, со кој, меѓу другото, се предвидува дислоцирање на казината и обложувалниците од училиштата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека законот бил ветен и дека при неговата подготовка биле земени предвид повеќе параметри поврзани со оваа индустрија.

„Ние го ветуваме тој закон и работевме на него многу внимателно, имајќи ги предвид сите параметри поврзани со оваа индустрија. Има одредени стандарди и политики што оваа влада ги води“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека градовите почнале да наликуваат на простори преплавени со реклами и билборди за игри на среќа, што, според него, создава впечаток дека коцкарниците се една од главните индустрии во земјата. „Градовите почнаа да ни наликуваат на места со реклами и билборди каде коцкарниците ни се главна индустрија. Тоа не личи на ништо. Со тој закон ќе се стави крај на таа перцепција“, рече премиерот.

Мицкоски најави дека Владата во следниот период ќе работи и на прашањето за канцелариите за брзи кредити, кои, како што рече, често се отвораат во близина на казината. „Некако како по правило се отвораат канцеларии за брзи кредити до сите казина. Следно на што ќе работиме ќе биде тоа. Работиме на тоа, засега нема повеќе детали“, додаде Мицкоски.

Според премиерот, анализите покажале дека кај дел од граѓаните долговите поврзани со казина и коцкарници се наведуваат како една од причините за заминување од државата.

„Цениме дека врз основа на анализата заклучивме дека кај најголем дел од луѓето како причина за напуштање на државата се долговите што се наталожиле поради казината и коцкарниците“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата стои во одбрана на предложеното законско решение и смета дека неговото донесување ќе има значително влијание врз состојбата во државата.

„Имајќи го ова предвид, сметам дека овој закон во морална смисла на зборот драматично ќе ја подобри состојбата во државата. Стоиме во одбрана на овој закон“, изјави Мицкоски.