Казахстан е нова дестинација за згурата од Топилница

Фото: Мета.мк

Компанија од Турција е заинтересирана да ја купи згурата од Топилница, а суровините кои можат да се искористат би се преработувале во Казахстан. Претставници на фирмата веќе го посетија Велес и земаа примероци од троската, а идната недела се очекува повторно да дојдат во земјата и со концесионерот „Кепс монт груп“ да ги започнат административните преговори. Во тој период, турскиот партнер ќе направи и испитувања на теренот пред да започне копањето на минералната суровина.

„Новиот партнер од Турција сака да направи дупчење пред да започнат ископувањата, за да се запознае со теренот и да се оформи динамиката и начинот на работа. Се работи за огромна површина троска, за која мора да испита колку е длабока, на која длабина каков материјал се наоѓа и каков му е составот, информираат од „Кепс монт груп“.

Во меѓувреме, се очекува деновиве да биде готова и лабораториската анализа на троската за радиоактивност и токсичност која се правеше во Грција. Тоа е основа за да се добие МСДС (Material Safety Data Sheet) документот за квалитет на стоката при меѓународен превоз од грчките власти, неопходен за да започне транспортот на суровината и за користење на Солунското пристаниште.

„Во моментов се преговара за компании кои ќе ја ископуваат и транспортираат троската од Велес до Солун, а ние ќе инсистираме тоа да бидат домашни фирми. Деталите ќе се утврдуваат наскоро кога ќе започнат преговорите околку договорот. Очекуваме за околу два месеци да ги завршиме административните работи“, велат од „Кепс монт груп“.

Ново решение и друг купувач започна да се бара откако, по првичниот договор со компанија од Малезија, оваа земја на почетокот од годината забрани увоз на отпад. Иако, сите веќе склучени и важечки договори требаше да бидат ревидирани за шест месеци, сепак од Малезија сѐ уште нема одговор дали троската ќе биде извезена таму. Од „Кепс монт груп“ велат дека сѐ уште се очекуваат позитивен одговор од малезиските власти, но дека, доколку е потребно, ќе преземат и правни мерки.

Расчистувањето на црниот рид со троска, кој е остаток од работата на некогашната Топилница за олово и цинк, е првиот и неопходен услов за да започне чистењето на почвата и подземните води во Велес. Децениското загадување со тешки метали остави огромни последици по животната средина, но најмногу на здравјето на велешани. Депонијата се протега на околу 33.000 квадратни метри површина и се проценува дека има околу 1,8 милиони тони отпад, во кој околу 10 проценти се цинк, еден процент олово, а има и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум..И покрај бројните обиди да се изврши ремедијација на почвата сепак, според мерењата во 2018 година присуството на тешките метали било и до 30 пати над максимално дозволените граници. Концентрациите на олово биле 201,6 милиграми на килограм, што е за 5,9 пати повисока вредност од дозволената, вредностите на кадмиумот биле најалармантни, 7,7 мг/кг, што е за 30,8, пати повеќе, а во почвата имало и зголемени количини на цинк, 230 мг/кг, што е за 2,8 пати повисоко од дозволеното. Од тие причини ремедијацијата е запрена, сѐ додека не се исчити и последната количина згура од Велес.