Фото: МОН

Најмногу вакцинирани лица против ковид-19 има во Кавадарци, додека најмал број на имунизирани жители се регистрирани во Кичево и Тетово, каде што во изминатиов период е регистрирано и зголемување на бројот на новозаболени лица. Министерството за здравство информира дека на територијата на цела држава досега барем една доза вакцина примиле 27,5 проценти од граѓаните.

Притоа, во Кавадарци 43,5 проценти од граѓаните се вакцинирани против ковид-19, по што следува Охрид со 42,9 проценти и Гевгелија со 41 проценти. Најмал процент на вакцинирани граѓани бројат следниве населени места: Дебар со 17,3 проценти, Тетово со 17,1 проценти и Кичево со најмал процент на вакцинирани граѓани 15,8 проценти.

Ако се споредат бројките на вакцинирани лица од вкупното население со бројот на активни случаи, може да се забележи дека Тетово е втор на листата на општини со најмалку вакцинирано население, но и втор според бројот на активни случаи на ковид-19. Па така, во Тетово во моментов има 74 активни случаи на ковид-19, во Кичево има 7 активни случаи, додека во Дебар има 3 заболени граѓани кои се лекуваат од болеста.

Здравствените власти секојдневно апелираат до граѓаните дека единствен начин да се избегне нов бран на ковид-19, придружен со зголемување на бројот на хоспитализирани и починати лица, е да се прифати масовната вакцинација.

Според податоците на Министерството за здравство, бројот на вакцинирани лица по градови е следен: Ресен 39,8 проценти; Битола 38,9 проценти; Неготино 38 проценти; Штип 37,2 проценти; Пехчево 36 проценти; Велес 31 процент; Демир Хисар 30,9 проценти; Берово 30,9 проценти; Скопје 30,8 проценти; Валандово 30,6 проценти; Прилеп 30,3 проценти; Пробиштип 29,7 проценти; Крушево 28,3 проценти; Koчани 25,3 проценти; Свети Николе 25,2 проценти; Делчево 24,9 проценти; Виница 24,5 проценти; Крива Паланка 23,9 проценти; Радовиш 23,2 проценти; Струга 23,1 проценти; Куманово 21,2 проценти; Струмица 19,4 проценти; Кратово 18,9 проценти; Македонски Брод 18,2 проценти и Гостивар 17,8 проценти.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска повтори дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и безбедни и дека единствениот начин да не бидеме затворени и да се вратиме на старите навики е што поголем број на граѓани да се вакцинираат за да се создаде колективен имунитет и совладување на пандемијата.