Полициски екипи вчеравечер, на стариот пат за Градско, затекнале 17-годишен малолетник од Неготино и 19-годишно момче од Кавадарци кои со возила транспортирале петмина илегални мигранти од Мароко и од Алжир.

Како што информираат од МВР, синоќа, околу 18.45 часот, полициски службеници забележале возило, марка „мерцедес“, управувано од Б.Б. (19), кое не било во возна состојба. По извршениот преглед, во непосредна близина на возилото бил затекнат 17-годишникот од Неготино, кој со друг автомобил, марка „ауди“, му бил предходница на Б.Б.

Во близина на „мерцедесот“ биле затекнати и петтемина мигранти, од кои четворица Мароканци и еден Алжирец, кои за износ од 700 евра требало да бидат превезени до Куманово.

Од извршениот разговор со малолентикот, според МВР, било констатирано дека откако возилото останало во дефект, настанала расправија меѓу Б.Б. и малолетникот од една и мигрантите од друга страна. Во расправијата, кавадарчанецот со нож бил повреден во ногата, а малолетникот добил удар со тврд предмет во лицето.

Како што информираат од МВР, мигрантите биле сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје, а се преземаат мерки за расчистување на случајот.