Дипломатските реакции на амбасадорите на Германија и на САД во Скопје и барањето оставки од македонската влада не ја оставија рамнодушна Атина.

Грчкиот весник „Катимерини“ пренесува дека дипломатски извори во Атина забележале дека овие чекори од дипломатските претставништва на клучни меѓународни играчи ќе го доведат до безизлезна ситуација, како што посочиле, „автократскиот“ премиер Никола Груевски, и со тоа ќе создадат нови услови и ситуации во политичкиот живот во Македонија.

Според дипломатските оцени, ваквиот пресврт со сигурност ќе влијае и на Грција.

Весникот вели дека владите на двете држави во моментов водат тајни дипломатски преговори околу идејата за усвојување мерки за градење доверба, кои не се знае каде би завршиле и каква е нивната иднина со оглед на внатрешните проблеми кај двете држави.

„Првично беше најавено дека мерките ќе бидат во насока на справување со иредентистичката идеологија на режимот на Груевски, но сè уште не е јасно која е нивната содржина, како ни можностите за суштински преговори во моментот кога владата на Груевски е разнишана и силни се можностите да се приближува политичкиот крај на Груевски“, пишува „Катимерини“.

Од македонското Министерство за надворешни работи за „Мета“ пред неколку дена истакнаа дека двете влади ги разгледуваат предлозите за мерките и ќе се изјаснат околу нив идната недела.

Министерот Коѕиас од Њујорк, пак, соопшти дека има заеднички точки меѓу двете листи со предлози од македонската и од грчката страна.

Според неофицијални информации, на листите со предлози за мерки за градење на довербата се идеи за практична економска и културна соработка, како нов граничен премин, воспоставување железничка линија со новата пруга од Битола до Кременица, укинување на договорот за двојно оданочување.