fbpx

„Катимерини“: Привремената влада во Македонија нова можност за спорот за името

-

Привремената македонска влада, која треба да биде избрана на 15 јануари следната година, во Грција и понатаму се истакнува како можност за придвижување на работите во спорот за името. Весникот „Катимерини“ во анализа на состојбата во која се наоѓа отворениот спор забележува дека периодов се отвора прозорец на можности за решавање на прашањето.

Според весникот, иако прашањето не е на врвот на приоритетите, сепак меѓународната заедница, особено САД и Европската унија, притиска за негово решавање за да се затвори темата што може да создаде нестабилност во регионот. Овој притисок може конструктивно да се искористи, според анализата, заедно со новата политичка реалност која ќе владее во Македонија со креирањето техничка влада.

Оцената на „Катимерини“ е дека нашата држава би требало добро да размисли за оваа можност и добро да ја искористи за затворање на спорот.

„За жал, бидејќи политичките лидери немаат веќе храброст да преземаат тешки одлуки, бараме технократи или лица кои се прифатливи за јавноста да ги направат овие работи. Она што досега не се осмели да го направи Никола Груевски, би можел да го направи преодниот премиер, кој според договорот меѓу партиите во соседната држава ќе биде од редовите на владејачката партија на Груевски“, се вели во анализата.

„Катимерини“ анализира дека Груевски, како сè уште популарен политичар, може да го искористи својот имиџ и да му дозволи на преодниот премиер да го реши името без самиот да биде поврзан со самиот процес, а потоа, ако биде реизбран, во април да го прифати потенцијалниот договор за името кој би имал широка политичка поддршка во државата.

„Не е лесно да се влезе во главата на Груевски. Меѓутоа, следните три месеци условите му нудат шанса за решение, кое може да се искористи за да се нормализираат врските со Грција и да се отвори патот за прием во НАТО и во ЕУ“, истакнува анализата.

Весникот притиска на страна на компромис од македонска страна, посочувајќи дека досега голем дел од грчките влади имаат направено откажувања од грчките црвени линии. Како пример е посочен случајот кој многу често го користат од грчка страна, односно одлуката на владата на Костас Караманлис да се прифати терминот Македонија да фигурира во конечното име и прифаќањето на формулата сложено име со географска одредница за севкупна употреба.

Во анализата се оценува дека последниот предлог на посредникот Метју Нимиц, „Северна Македонија“, е прифатлив доколку се постапи разумно, а самиот Нимиц има најавено до двете страни дека е подготвен да го посети регионот за да достави целосно оформен предлог врз оваа основа.

Мерките за градење доверба се оценува дека не се директно поврзани со името, меѓутоа се позитивни и корисни во насока на зближување на двете страни и на интензивирање на соработката.

Во грчката јавност медиумите веќе неколку месеци ја пласираат оваа информација дека преодната влада е можност за компромис од македонска страна и за затворање на дводеценискиот спор за името. Грчката раздвиженост создава прашалници, ако се имаат предвид зачестените средби меѓу македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата, како и состаноците за остварување на мерките за градење доверба.

Иако од една страна се слушаат шпекулации за подготвување на теренот за решение на името, дел од аналитичарите се песимисти, коментирајќи дека политичката криза и во двете држави е до тој степен затегната што сè уште не гледаат можности за целосно збогување со ова 20-годишно политичко прашање.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...