Атина. Photo by Cristian Bagnarello from Pexels

Завчерашниот „твит“ на премиерот Зоран Заев од фудбалскиот натпревар меѓу С. Македонија и Холандија повторно ја налути грчката влада. Грчките власти имаат забелешка на користењето на терминот македонски, односно македонската фудбалска репрезентација, што договорот го дозволува. Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека парламентот во Атина ќе ја одложи ратификацијата на три меморандуми што беше планирано да се усвојат во јули, а со изјава во јавноста излезе и грчкиот владин портпарол.

„Ние бараме целосно спроведување на Преспанскиот договор и неговиот дух и го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено за такво чувствително прашање како што е фудбалот“, изјави вчера портпаролот Аристотелија Пелони.

„Катимерини“ објаснува дека грчката влада реагира поради описот на македонската фудбалска репрезентација како „македонска“, без притоа да го искористи „Северна“.

Воедно, грчката владина портпаролка Пелони додала дека добрата намера за спроведување на Преспанскиот договор е еден од критериумите за пристапување на земјата во Европската Унија.

Грчкиот весник не споменува за колкав период владата во Атина ќе ја одложи ратификацијата на трите меморандуми, вклучувајќи го Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандумот за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.

„Катимерини“ објаснува дека во самата владејачка партија во Грција, Нова демократија постои незадоволство од Преспанскиот договор во делот на македонскиот јазик и идентитетот, кои во последно време често пати доаѓа до израз. Притоа, грчката влада и понатаму ја истакнува намерата дека сака да го имплементира Преспанскиот договор, но јасно става до знаење дека нема да замижи пред „мешаните сигнали“ кои доаѓаат од Скопје, пишува „Катимерини“.