Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, претпладнево пристигна на распит во Обвинителството за организиран криминал. Таа е повикана како лице што треба да даде исказ за предметот „Рекет“, во кој осомничени за рекетирање бизнисмени се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец.

Јанева пред влезот во Обвинителството изјави дека се надева оти нејзиниот денешен исказ ќе помогне за да се забрза истрагата за случајот „Рекет“.

–  Јас сѐ уште сум специјален обвинител. Се надевам дека денешната моја изјава ќе придонесе на успешно завршување на истрагата која е во тек – изјави Катица Јанева.

Таа потврди дека обвинителите од СЈО го имаат целосното овластување за да ги застапуваат предметите пред суд, за кои специјалното обвинителство ги води постапките.

За предметот „Рекет“ досега беа сослушани второосомничениот Зоран Милески – Кичеец, пензионерката Лилјана Тодоровска како потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Боки 13 и тројца обвинители на СЈО – Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми.