Поранешната специјална обвинителка и обвинета во случајот „Рекет“, Катица Јанева, до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата испратила барање за апанажа, рече на почетокот на денешната седница претседателот на комисијата Илија Димовски.

Нејзиното барање ќе биде разгледано на следната седница на комисијата.

– Првиот допис до комисијата е испратен од адвокат Ирена Фрчкоска, во име на лицето Катица Јанева. По неколку дена добивме барање и лично од Катица Јанева. И со едното и со другото барање се бара одредување апанажа за госпоѓата Катица Јанева. На првата наредна седница ќе мора да се произнесеме по ова прашање – објасни Димовски.

Јанева е во притвор од 21 август, кога беше уапсена како осомничена во случајот „Рекет“. Од Собранието беше разрешена на 14 септември, еден ден пред да ѝ истече мандатот.