Касами објави дека со судска одлука останува претседател на Беса, Гаши вели дека лаже

-

Препукување меѓу двете крила на Движењето Беса се случи денеска, откако Биљал Касами објави дека со судска одлука, тој е претседател на Беса. Набргу одговори водачот на спротивставеното крило, Африм Гаши, кој тие наводи ги нарече измама. Тој рече дека работите ќе ги утврди вистински Управниот суд. Гаши отиде и чекор понатаму и го нарече противничкиот табор „фалсификатори“ и најави дека ќе поднесе тужба за фалсификат пред Управниот суд, како и кривична пријава во Јавното обвинителство.

Билал Касами, претседателот на Беса сè до поделбите во јануари годинава, откако стои на чело на едното од двете крила, денеска на прес конференција објави дека Основниот суд Скопје 2 донел одлука која како што рече потврдила дека Движењето Беса е единствена партија, односно дека неговото крило е легитимниот претставник на партијата.

Според решението од Основен суд Скопје 2 што го презентираше Касами, барањето за упис на промени во Судскиот регистар на политички партии поднесено од крилото на Африм Гаши, со кое се доставени записници од првиот конгрес на движењето на 18 феруари години и изборот на претседател на партијата, е одбиено. Со тоа, според Касами, тој е единствениот претседател на партијата.

– Движењето Беса е едно, а тоа сме ние. Со оваа одлука на судот се отфрла неоснованото барање на неформалната група, што укажува на тоа дека партиските тела ги избираат нејзините членови, а не од сомнителни кругови кои не го сакаат доброто на Албанците и кои не се во служба на Албанците – рече Касами.

Досегашниот претседател ги повика сите сопартијци да се вратат во Беса каде им се отворени вратите.

По повеќе од час и половина прес-конференција одржа и Африм Гаши, кој рече дека одлуката на Основен суд Скопје 2 е само првостепена одлука. Тој крилото на Касами го нарече фалсификатори и порача дека вистинската ситуација ќе ја одреди Управниот суд, кој ќе треба да решава за фалсификат, а најави и кривична пријава до Јавното обвинителство.

-Всушност се работи само за првостепена одлука, која е донесена врз фалсификуваните документи од претходниот правен застапник на Беса. Но, судскиот спор продолжува. Тука сме да објасниме и дека Основниот суд повторно и многу брзо ќе се произнесе пак, по одлуката на Управниот суд за фалсификување на документи и нивно поништување, а се очекува и разрешница од кривичната пријава доставена до Јавното обвинителство кон Фалсификаторот, со што несомнено би следело и промена на првостепената одлука – рече Африм Гаши.

Тој го повика  членството и подржувачите на Движењето Беса „да не подлегнуваат на измамите на тие кои знаат да фалсификуваат сешто и на крај стануваат заложници на нивното фалсификување“.

Шолц потврди дека гласањето доверба на владата во Бундестагот ќе се одржи на 16 декември

Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц (66) денес потврди дека ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември, а Бундестагот потоа ќе гласа на 16 декември, отворајќи го...