Жителите на општина Карпош почнаа да собираат потписи за да го запрат процесот на донесување на деталниот урбанистички план (ДУП) за населбата Карпош 4, кој предвидува згради и паркиралишта на местото на зеленилото што ќе биде уништено.

Целта на акцијата е враќање на деталниот план во фаза на анкета и на јавна расправа, за жителите да можат да учествуваат во одлуките на Општината.

Акцијата ја спроведуваат поголема група жители на Карпош 4. Потпишувањето почна од 16 септември во просториите на Државна изборна комисија-Карпош во Козле и тоа на доста непристапна локација и ќе трае до 30 септември секој работен ден, во периодот од 8.30 до 16.30 часот.

Канцеларијата на ДИК во Козле каде што се собираат потписи

Од граѓанската иницијатива велат дека целта им е да се потпишат што е можно повеќе жители од цела општина, а не само од наслебата Карпош 4, затоа што тоа ќе ја покаже бројката на незадоволни жители кои се свесни дека имаат улога во донесувањето одлуки. За акцијата да биде успешна, потребно е да се потпишат 10 отсто од жителите на општина Карпош, односно околу 5.900 граѓани.

– Апелираме да дојдат сите да се потпишат, затоа што бројката е важна и укажува на тоа колку луѓе се против деталниот урбанистички план, независно дали ќе се пополни бараната бројка или не. Бројот на потписи е бројот на незадоволните луѓе. Очекуваме да собереме 10 отсто од Карпош 4, ако успееме од цел Карпош ќе биде супер. Тоа значи дека жителите почнуваат да бидат свесни за својата улога во донесувањето одлуки за сопственото живеење. Сакаме да покажеме дека заедно сме моќни. Граѓанинот треба да е активен, да следи и да реагира, а не послушно да се согласува со тоа што некој му го сервира – велат жителите на општина Карпош.

Оттаму посочуваат дека проблем е што потписите се собираат во работно време, а рокот е краток, како и тоа што за цела општина потписи се собораат на само еден пункт.

– Материјалите и информативните плакати се кинат и се уништуваат, летоците се вадат од сандачиња. Самото работно време на ДИК Карпош е своевидна опструкција и намерно е дадено кратко време. Огромен број луѓе се жалат зашто не можат да го напуштат работното место за да го дадат својот потпис. Притисоците се имплицитни и луѓето живеат во страв од реперкусија за своето работно место – велат од иницијативата.

Пред еден месец, жителите на Карпош 4 до Општината доставија петиција со 2.425 потписи со барање за собир за јавна дебата против промената на деталниот урбанистички план. Одговор од граданачалникот Стевчо Јакимовски стигна денеска, два дена пред истекот на рокот, во кој се вели дека и тој ја поддржува иницијативата, дури и кога е политички мотивирана.

– Ја поздравувам секоја иницијатива на граѓаните, вклучувајќи ја и оваа. Камо среќа мислењето на граѓаните да може да се преточи во закони, коишто ние, како локална самоуправа, сме должни да ги применуваме. Ја поздравувам иницијативата дури и кога е политички мотивирана, зашто тоа е навистина здраво за демократијата во Република Македонија. И јас ја поддржувам иницијативата и би било добро кога законодавецот би размислил, таму каде што веќе има изградени објекти, да се прифати фактичката состојба на терен и урбанистите да не бидат принудени да вцртуваат фиктивни решенија кои никогаш нема да се остварат. Категорички тврдам дека Карпош 4 има доволен број паркинг-места на терен и нема потреба за изградба на нови и ниту една педа зеленило од постојното нема да биде одземено – вели Јакимовски.